СДСМ: Нема потреба од парламентарни избори


Како држава ние направивме се за исполнување на условите и за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија. Очекувањата Бугарија да ја подигне рампата и да ја тргне блокадата во духот на европските вредности навистина се оправдани, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, коментирајќи ги синоќешните вести за земјава од Брисел.

Околу нагодувањата за одржување на предвремени парламентарни избори, Кузеска нагласи дека ставот на СДСМ е јасен, дека не е време да се одржат.

– Политичката криза заврши. Изградивме парламентано мнозинство кое што е стабилно. Ставот на СДСМ во однос на предвремени парламентрани избори е навистина јасен. Ние сметаме дека не е време за парламентарни избори и дека нема потреба за предвремени парламентарни избори, туку дека е време за одговорност, соочени со овие предизвици, како што се енергетската криза, ситуацијата со пандемијата и се она пред кое што стоиме исправени, потенцираше Кузеска.

Портпаролката на СДСМ посочи дека е заокружен процесот со Алтернатива и оти парламентарното мнозинство е стабилно.

– Парламентарното мнозинство е стабилно и парламентарното мнозинство е создадено врз основа на стабилност и напредок на државата и секако врз основа на заеднички принципи во однос на европскиот тек на нашата држава. Остануваме посветени токму на ова заедно со парламентарното мнозинство на стратешките цели кои што значат напредок за нашата држава и секако се во интерес на граѓаните.
Постигнато е парламентарното мнозинство со партии кои ги подржуваат сите овие стратешки цели и секако со партии кои се подготвени да се однесуваат одговорно токму во време кога сме соочени со предизвици и во насока на енергетската криза, секако и во насока на пандемијата и сите оние прашања кои ги допираат граѓаните, наведе Кузеска.

Таа на денешната прес-конференција посочи дека македонската економија е стабилна, подготвена да се носи со сите актуелни и идни предизвици.

– Тоа го потврдуваат и бројни статистички податоци и економски параметри. Во третото тромесечје Бруто домашниот производ бележи раст од три отсто. Покрај растот на БДП бележиме и сериозен раст на извозот кој во периодот јануари – октомври е зголемен за 29 отсто во споредба со истиот период од 2020 година. Сето ова се податоци кои ја покажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ, рече Кузеска.

Портпаролката посочи дека  СДСМ како одговорна партија, преку институциите што ги предводи, постојано презема мерки за заштита и унапредување на економскиот стандард на граѓаните.

– Владата предводена од СДСМ донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти до 31 јануари 2022 година. Покрај цените на лебот, брашното, зејтинот, млекото, сирењето и сувомеснатите производи, се замрзнува и цената на оризот, јајцата и тестенините. Оваа одлука е донесена со цел да се превенираат идни поскапувања на овие продукти кои македонските граѓани најчесто ги употребуваат во секојдневието, нагласи Кузеска.

Таа посочи дека и во следната 2022 година ќе продолжи растот на минималната плата, за што веќе, како што информираше, се договара со синдикатите и бизнис секторот, а ќе продолжи и зголемувањето на пензиите, со цел зајакнување на животниот стандард и обезбедување повеќе пари во секое семејство.

– Во однос на енергетската криза и најавеното зголемување на цената на струјата, државата е подготвена да им помогне на најранливите категории граѓани, преку субвенционирање на сметките за електрична енергија. СДСМ е тука за граѓаните. Продолжуваме со реализација на мерки и политики што значат вистинска грижа за секој граѓанин, за секое семејство, заклучи Кузеска