СДСМ: Нема ништо од гордоста на ВМРО-ДПМНЕ, се е бизнис за мала група луѓе

„Системска корупција ја јаде земјата. Се е бизнис интерес на мала група луѓе околу центрите на моќ на ВМРО-ДПМНЕ. На поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ полека им станува јасно. Нема ништо од гордоста, нема ништо од националните интереси, лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ бил само за лично богатење на поединци. Додека тие се удираат в гради, нивните шефови се богатат. Денеска објавуваме нов скандал во Министерството за внатрешни работи водено од Панче Тошковски. Нов сомнителен случај вреден речиси 4 милиони евра, кој ги носи сите обележја на скандалозните тендерски мрежи на ВМРО-ДПМНЕ“- рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека „договори од милионски износи се доделени на фирми без никакви капацитети, без претходно релевантно искуство, па дури и без никаква историја на јавни набавки за вакви или за други слични потреби. Некои од нив се отворени буквално 20 дена пред тендерот.
„Фирмата „Ле Бранд Дизајн“ од Битола, модно студио со просечен годишен приход од едвај 20.000 евра и само двајца вработени, добива тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи. До вчера двајца вработени шиеја фустани, денес со двајца вработени треба да опремат специјални единици! Кој е овде наивен. Фирмата „Памитекс Тим“ е регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот, без веб-страница, без историја на набавки, без транспарентност. Ете ваква фирма добива тендер од 1.710.000 евра“, порача Кузеска.
Вели дека „МВР ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети. Тендерот е шиење по мерка – ама не за полицијата, туку за партиските и бизнис интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ“.
Затоа, СДСМ бара итна постапка од Јавното обвинителство за сомнежи за злоупотреба на службена положба, местење тендер и можно перење пари, поништување на скандалозниот тендер и отворање нова, транспарентна постапка со објективни критериуми.