СДСМ нема намера да го откаже законот за попис, ниту да прифати уцени од Мицкоски


Снежана Калеска-Ванчева

Владејачката партија брзо му одговори на лидерот на опозицијата, кој побара веднаш да бил повлечен законот за попис, велејќи дека тоа нема да се случи и големата статистичка операција конечно ќе се спроведе.

Пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева запраша дали „Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да се знае колку наши сограѓани живеат во земјава а колку во странство“ и дека е целосно нејасно зошто им пречи пописот.

„СДСМ и парламентарното мнозинство нема да прифатат никакви уцени од страна на деструктивецот Христијан Мицкоски. Нема да го повлечеме Законот од Собраниска процедура ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. Оваа земја цели 18 години нема спроведено попис и никој нема право да го кочи или одолговлекува“, рече таа.

Калеска-Ванчева нагласи дека Србија и Романија го одложиле пописот за само за неколку месеци и дека ќе го спроведат оваа година. „Паралелите со други држави кои ги одложиле пописот, не држат вода. Ниту една од овие земји кои ги споменува Мицкоски не биле доведени во ситуација да немаат 18 години попис.
А попис немаме затоа што во 2011 година тој пропадна поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ“

Таа  рече пописот ќе се спроведува според прописите на Евростат. „Сега имаме Електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис, и податоците ќе бидат компарирани со податоците на други 10 институции. Значи не е можно да се попишат лица кои не постојат. Исто како што не е точно дека ќе се попишуваат граѓаните само со матичен број“.

Калеска-Ванчева уште запраша: „Која е целта на Мицкоски со Повикот да се бојкотира пописот? Да има помалку Македонци?“