СДСМ: Нема да има толеранција за непочитување на мерките


СДСМ утрово предупреди дека заштитата на јавното здравје е врвен приоритет поради што тие кои нема да ги почитуваат мерките за заштита ќе бидат санкционирани

-Високите бројки на новозаразени со коронавиусот како во државата, така и  и во регионот и  Европа, покажува дека започна очекуваниот есенски бран, со којшто може да се справиме само со строго почитување на мерките. Најдобра и најефикасна заштита на личното и јавното здравје е носењето маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција.

Нема никаков простор за прекршување на мерките, ниту толеранција за тие кои свесно, преку погазување на протоколите и мерките, предизвикуваат ширење на коронавирусот. Владата предводена од СДСМ, на барање на инспекцискиот совет усвои измени на Законот за заштита на население од заразни болести со кои сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите.Со новите законски измени, овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог ќе добијат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти, предупредуваат од СДСМ.