СДСМ: Нема да дозволиме создавање политичка криза


Пред почетокот на состанокот на Советот за безбедност, на кој ќе се решава за вонредната состојба и индиректно за изборите, СДСМ порача дека нема да дозволи „пропаднатиот“ Христијан Мицкоски, како што сам се нарече во интервју, да ги попречи демократските процеси и да создаде криза.
-Сите досегашни параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола. Државата, општеството почнуваат да ја живеат новата нормалност.
За нова и брза трансформација на економијата и целосно функционални институции кои се гарант за силна демократија потребни се избори во првиот можен термин.
Предвремените парламентарни избори кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања да биде усогласена со заштитните протоколи.
Последната одлука на Уставниот суд, ја потврдува уставноста на владината уредба да се запрат предизборните активности зa распишаните избори поради коронавирусот. Тоа значи дека роковите за изборниот процес продолжуваат по завршување на вонредната состојба.
ДИК  по завршувањето на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите.
Како одговорна партија, ние сакаме избори кога вирусот е најмногу под контрола, со највисоки мерки на заштита и без ризик по здравјето, со цел да воспоставиме нормална работа на парламентот и владата и да можеме сите капацитети да ги вложиме во рестарт на економијата.
Комисијата објави протоколи за спроведување кампања и за одржување на избори, сите ќе се водиме по нив и ќе спроведеме избори со сите заштитни механизми. Гласачкото место ќе биде најстрого обезбедено со сите заштитни мерки.
Пропаднатиот Христијан  Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат функционално Собрание, не сакаат  институции со полн легитимитет. Тие се против заживување на економијата, против здравјето на граѓаните да биде обезбедено и не сакаат државата да оди напред. Тоа со сигурност нема да го дозволиме.Нема да дозволиме нивното неодговорно однесување да ја втурне нашата држава  во лош правец. Исто како што не дозволивме тоа да се случи и за време на оваа здравствена криза, стои во пораката од СДСМ.