СДСМ не помислува да ѝ се извини на министерката Божиновска

Остра размена на објави меѓу опозициската партија и министерката за енергетика. Божиновска најавува дека ќе покрене судска постапка


Сања Божиновска (Фото: Б. Грданоски)

 

Наводите се лажни и тенденциозни и за тоа треба извинување.

Вака министерката за енергетика, Сања Божиновска, реагираше на тврдењата на опозицискиот СДСМ дека е поврзана со набавката на електрични броила од страна на ЕВН Македонија, договор вреден 13,2 милиони евра. Божиновска едно време беше директорка на српската компанија „Руднап“, а според СДСМ, фирмата што го доби договорот за броилата, „Метер енд контрол“ е поврзана со „Руднап“.

СДСМ вели дека станува збор за нова милионска алка во „енергетската бизнис-мрежа“ на премиерот Христијан Мицкоски, а клучната врска што ги спојува „Руднап“ и Владата е министерката за енергетика Сања Божиновска и почесниот македонски конзул во Србија, Душан Адамовиќ.

„Во периодот од 2011 до 2014 година, Божиновска била извршен директор во компании на ‘Руднап груп’ во Централна и Источна Европа. Таа се поврзува и со ‘Руднап’ ДООЕЛ Скопје, каде што била управител. ‘Руднап’ е партнер и со ‘Ал Дахра’, компанија која се поврзува со проектот ‘Белград на вода’, модел кој сега се најавува и во Македонија“, изјави викендов на прес-конференција Маја Борозан од СДСМ.

Министерката Божиновска реагираше жестокот. Преку објава на нејзиниот официјален профил на Фејсбук таа ги отфрли „лагите и тенденциозните конструкции на опозциската партија“, која се обидувала да ги наруши нејзините чест, углед и професионален интегритет.

Божиновска тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна, ниту приватна релација со „Руднап“, ниту, пак, поврзаност со набавката и постапката што ЕВН како приватна компанија ја спроведува самостојно и за сопствени потреби.

„СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација. Нема да дозволам преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионалниот углед“, вели Божиновска.

И потоа бара СДСМ во рок од 24 часа јавно да се извини за наводите што ги соопшти и потоа тие да ги повлече. Во спротивно, ќе почне судска постапка. „Ќе ги искористам сите расположливи правни механизми за заштита на мојата чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и соодветни пријави до надлежните институции. Јавноста заслужува факти и докази, а не политички конструкции“, пишува Божиновска.

СДСМ веднаш одговори дека партијата нема никаква намера да се повлече од нивните тврдења, бидејќи тие изнеле факти: „Фактите не се лаги. Тие се регистар“, порача СДСМ. И потоа пак ги наведуваат деталите од биографијата на Божиновска

„Од 2011 до 2014 била извршен директор на ‘Руднап груп’ за Централна и Источна Европа. Одговорна за активности во Северна Македонија, Србија, Бугарија и регионот. Од 23 март 2012 до 11 март 2014 – управител на ‘Руднап Бугарија ЕООД’. Во 2012 таа фирма направила промет од над 130 милиони бугарски лева. Името ѝ стои и во документацијата на загрепската фирма на ‘Руднап’, промена регистрирана на 6 декември 2013, идентификувана со бугарски пасош“, велат од Социјалдемократскиот сојуз.

Пред тоа, во периодот од 2006 до 2011 година, според СДСМ, Божиновска работела за фирмата „Езпада“, која се занимавала со меѓународна трговија со струја. Оваа компанија, тврдат оттаму, се вкрстува со мрежата на „Руднап“ на Воин Лазаревиќ.

„Во 2011 нејзиното име влегува во собраниска расправа за увоз на струја. РСЕ ги пренесува стенограмите: блискост на тогашните ‘Руднап’ и ‘Езпада’ со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот човек. Истата гранка. Тогаш имаше шеф. Денеска е министерка“, се наведува во соопштението од СДСМ.