СДСМ не отстапува од намерата Мизрахи да биде разрешена


Иако до крајот на собраниската расправа за Предлог-законот за јавно обвинителство има уште помалку од 30 говорници, според собраниски извори, се очекува попладнево да почне дискусијата за разрешување на министерката за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека СДСМ нема да отстапи од намерата министерката Мизрахи да биде разрешена, бидејќи не го почитува Уставот на Република Северна Македонија. Тој нагласи дека единствена цел е пред распуштањето на парламентот да се даде шанса да се гласаат законите, не само двотретинските закони, туку и Изборниот законик, разрешувањето на министерката за труд и социјална политика и неколку законски решенија.

„Нема да дозволиме на каков било начин да се тргне од дневен ред макар и да не се стави на гласање вака законско решение важно како што е законот за одбрана, законот за јавно обвинителство, Изборниот законик кој што е утврден и доставен до парламентот, како и пораката за сериозноста на државата, дека не смее да си дозволи министер во Владата  да го крши Уставот и законот“, изјави Заев.

Предлогот за разрешување на Мизрахи дојде откако таа одржа прес-конференција во Министерството за труд и социјална политика пред табла со старото име на државата, по што Грција упати вербална нота до Министерството за надворешни работи поради непочитување на Договорот од Преспа.