СДСМ: Не може да има 6 милијарди евра Буџет, а да нема пари за поголеми плати на работниците
„Покрај тоа што власта има рекорден Буџет од 6 милијарди евра за оваа година, вели дека нема пари за зголемување на платите на работниците.
Уште кога беше во фаза на предлог Буџетот за 2025 година, СДСМ предупреди дека ова ќе биде најгломазниот и најраспинички буџет во историјата во кој ќе нема пари за работниците и поголеми плати за граѓаните. И тоа се покажа како точно.
Ова е недопустливо и покажува целосно непочитување на трудот македонските работници и неспособност на власта да одговори на економските потреби на граѓаните.
Дополнително, власта товари нови долгови на грбот на граѓаните и граба пари за себе воопшто не водејќи сметка за потребите на граѓаните и на работниците.
Покрај задолжувањето од 500 милиони евра од Унгарија, власта во изминатите 3 месеци се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, и 73,7 милиони евра кај домашните кредитори. Тоа се нови, над 200 милиони евра долгови врз грбот на граѓаните кои ќе ги плаќаат идните генерации.
А платите стагнираат, животниот стандард и куповната моќ на народот опаѓа. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат зголемени трошоци за живот за 4,4% и зголемени цените на основните производи за 4,3%.
Со власта на Мицкоски и ДПМНЕ граѓаните имаат помалку пари во џебовите а работниците живеат се потешко. Мицкоски потфрли на најважаната тема, животниот стандард на граѓаните.
Власта целосно го напушти системот за зголемување на платите воспоставен од СДСМ што резултира со влошување на животниот стандард на работниците.
Упорно го игнорира и нашиот предлог за минимална плата од 500 евра, која е неопходна за да се одговори на растот на трошоците за живот
Не може власта да има 6 милијарди евра Буџет, да се задолжува со нови 200 милиони евра а да нема пари за поголеми плати за работниците.
Очигледно за власта најважна е удобноста на функционерите, нивните високи плати, скапи коли, луксузен мебел, а работниците се оставени сами на себе.
СДСМ нема да отстапи од борбата за правата на работниците и подобрување на нивниот животен стандард. Граѓаните заслужуваат подобро, заслужуваат поголеми плати и достоинствен живот“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.