СДСМ на теренска рехабилитација


Денеска е четврти ден откако членови на раководството на владејачкиот СДСМ почнаа повторно да ја крстарат државата, во рамки на новото „работно политичко лето“ што го најави новиот генерален секретар на партијата Љупчо Николовски. Тој рече дека тимови на СДСМ, на централно и локално ниво, придружувани од партиски носители на функции, советници, градоначалници, директори… ќе се среќаваат со граѓаните ширум државата во текот на летото. Новиот систем на СДСМ, според Николовски, значи редовно оценување на политиките, програмите и проектите на сите можни нивоа.
Во рамки на ова работно лето, прв мразот го скрши заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, кој како член на централниот одбор на СДСМ, беше во саботата во Пробиштип. Следниот ден, Николовски беше на т. н. маалска средба во Штип, со жителите од една населба, откако ден претходно голема владина делегација, на чело со премиерот и партиски лидер Зоран Заев беше во овој град, по свеченото отворање на новиот автопат.
Соговорници од партијата велат дека не случајно „карванот“ на СДСМ тргна од овој регион на државата, ако се има предвид дека во политички мошне атрактивниот Штип и во блискиот Пробиштип, СДСМ заостана по околу две илјади и илјада гласа зад ВМРО-ДПМНЕ, по победата што таму беше остварена на локалните избори во 2017 година. Слична ситуација беше нотирана и во други општини, посебно на истокот на државата, со исклучок на Струмица, Крива Паланка, Берово…
Николовски минатата седмица и официјално поднесе оставка од министер за земјоделство за да ѝ се посвети на партијата. За разлика од порано, кога функцијата генерален секретар се извршуваше волонтерски во СДСМ, но нејзиниот носител не смееше да учествува во извршната власт (како што е предвидено со партискиот статут), Николовски е прв секретар што ќе биде вработен во партијата, покрај новиот организациски секретар Душко Весковски. Не е исклучено во наредниот период професионално да се извршува и позицијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ, за каде што како можно решение моментно се спомнува Сања Лукаревска, директорката на УЈП.
Во СДСМ во наредниот период треба да се пополнат испразнетите потпретседателски места. Последните информации се дека намерата е партијата и натаму да има пет потпретседатели, од кои најмалку двајца би биле нови имиња, кои досега не биле дел од раководните структури на партијата. Неофицијално се спомнуваат Коста Петров, ПР и маркетинг- стручњак, кој би бил ангажиран и на односи со јавност, како и Нина Ангеловска, основач на Групер. Според најавите, се очекува на потпретседателските функции да се вратат пратеникот Мухамед Зекири и министрите Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски, кои неодамна ја преживеаја владината реконструкција.
Овие внатрепартиски преструктуирања, всушност, се преземаат по индикативниот исход од претседателските избори, кој укажа на апатичност кај гласачкото тело, посебно на поддржувачите на левицата, чија апстиненција во првиот круг, практично, донесе речиси изедначен резултат со ВМРО-ДПМНЕ. За раководството на СДСМ тоа значеше соочување со реалноста во која партиското работење во последните две години беше запоставено за сметка на ангажманот на највисоките партиски функционери во извршната или во законодавната власт. Другата лекција што СДСМ ја извлече од последните избори е дека голем дел од градоначалниците и локалните функционери од редовите на партијата, за повеќе од една година не ги исполнија очекувањата на граѓаните во своите општини. Поради тоа, во речиси сите општини каде што СДСМ потфрли на неодамнешните избори се избрани нови партиски раководства, но, според информации од партиски извори, и натаму има несогласувања меѓу градоначалници од СДСМ и партиски функционери на локално ниво. Тоа, како што се наведува, особено се чувствува во општинските организации на СДСМ во Скопје, каде што, наводно, се прекршуваат и интереси на разни лоби групи од партиската централа.
Најавата за кадровската чистка што Заев ја соопшти на 22 април влијаеше мотивирачки на гласачите во вториот круг од претседателските избори, за веднаш потоа да прерасне во главна политичка тема, која не е затворена ниту два и пол месеци подоцна и по првиот бран промени – во врвот на СДСМ и во владата. Првичните впечатоци од досегашните промени се дека реализацијата на „метлата“, сепак, не ги задоволи очекувањата што Заев ги подгреа со најавите дека главни критериуми при смените ќе бидат ароганцијата и неажурноста на функционерите. Тоа не се покажа на дело, затоа што реконструкцијата, во голем, дел се сведе на промени од политички причини и на ротација на кадри, при што впечаток е дека повторно најлесно помина ДУИ.
Сите овие процеси, вклучително со аферите што се отвораат на секој чекор во последните неколку седмици, се одразија и на рејтингот на партијата. Првата постизборна анкета, првпат по преземањето на власта, покажа благо заостанување на СДСМ зад опозициската ВМРО-ДПМНЕ, иако Заев и натаму е најпопуларен политичар во земјава.
„Работните лета“ не се нешто ново во политичкиот живот во земјава. Највпечатливо досега беше работното лето што го иницираше Бранко Црвенковски додека СДСМ беше во опозиција, кога партиските функционери секој викенд преспиваа во куќи на граѓани во различни општини. Минатата година активно лето најави ВМРО-ДПМНЕ, што беше делумно реализирано, а има најава дека и годинава опозицијата нема да „летува“, туку исто така ќе биде активна на терен. Сепак, оваа промена на стилот на работа на СДСМ и најавата за интензивно присуство на терен е карактеристична затоа што, практично, се случува во последната година од мандатот на оваа влада на Заев. Поточно во период меѓу два изборни циклуса – неодамнешните претседателски и престојаните парламентарни избори. Веќе следната 2020 е изборна година. Доколку изборите за пратеници се одржат во редовен термин, што би значело есента в година, тогаш уште кон крајот на следното лето Заев ќе треба да ги преземе конците на „Бихаќска“ во свои раце и да замине од „Илинденска“, каде што сто дена ќе има техничка влада.
(А. М. М.)