СДСМ му одговори на Мицкоски: Изборите ќе бидат во 2024
Владејачката СДСМ експресно му одговори на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој побара одржување на предвремени избори, велејчи дека „прашањето е затворено – избори ќе има во 2024 година“.
Во соопштението на партијата се вели дека „ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски освен неконструктивност не покажува ништо друго, нивната единствена цел е политички профит по секоја цена. Опструкции, мотивирање на протести во криза и дестабилизација се единствено што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат и сакаат да понудат. Таквите понуди нека си ги чуваат за себе, бидејќи не се за граѓаните.
Денешната прес-конференција на Мицкоски покажа дека тој не е фактор на политичката сцена туку опортунист кој работи единствено за личен интерес и интерес на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш на штета на интересите на граѓаните“.
Христијан Мицкоски му предложи на премиерот Димитар Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараат и договорат датум за одржување предвремени парламентарни избори, кои, како што рече, би биле природно решение за „катастрофалните состојби во кои се наоѓа земјата“. Тој на Ковачевски му остави рок до 10 мај да се изјасни, а доколку премиерот го одбие предлогот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека „ќе следат сериозни и досега непреземени чекори“.
На ова барање СДСМ одговорија и со зборовите: „Прес-конференцијата на Мицкоски требаше да се одржи за судските пресуди против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за црната листа на САД, кој го потврдуваат степенот на криминал во неговата партија. Мицкоски не треба да нуди неспособни тимови составени од бројни соработници на Никола Груевски и лица против кои се водат судски процеси. Доволно е кај него и во раководство на ВМРО-ДПМНЕ да има свест и доблест, да не отежнуваат и блокираат во услови кога Владата се бори со економски кризи веќе трета година по ред“.
Според СДСМ, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ била вистинска слика и прилика што може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ како власт што е еднакво на катастрофа. „Општините кои тој ги нарекува ‘слободни територии’ во суштина се поле за груба партизација на институциите со кадри од ВМРО-ДПМНЕ“.
СДСМ заклучува: „Изборите ќе бидат редовни во 2024 година и тоа прашање е затворено“.