СДСМ му објаснува на Мицкоски зошто владата е авторитарна


Фото: Б. Грданоски

 

Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека не се согласува со изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека во македонија е на власт авторитарна десничарска влада, од опозициската партија му наведоа повеќе причини зошто мислат така.

„Премиерот Мицкоски денеска праша по кои одлики неогвата влада Филипче ја дефинирал како авторитарна, па еве да одговориме.

За една година на власт, ВМРО-ДПМНЕ изврши длабока партизација на сите независни институциите. Партиски војници се именуваат како директори, советници и управни одбори, претворајќи ги институциите во продолжена рака на партијата.

Јавното обвинителство и судството се стави под целосна контрола. Во моментов не се води ниеден случај против актуелни функционери, ни за Кочани, ни за сите скандали, како местените тендери во МВР и другите министерства. За судии се бираат сопрузи, баџанаци и братучеди на функционерите од власта.

Мицкоски веќе започнува со закани кон новинарите кога е прашан незгодно прашање. Последниот пример со новинарката на Ал Џезира покажува јасна нетолеранција кон медиумска критика. Дополнително, се плаќаат медиуми кои ја пропагираат работата на владата преку компании од Унгарија.

Се етикетира и напаѓа секој кој ќе го крене гласот против власта, последен пример се синдикатите. Мицкоски се обидува да ги подели, да воспостави свои паралелни организации кои ќе му служат, исто како во времето на Груевски.

Се враќаат пракси на институционален прогон, какви што гледавме во времето на Груевски. Луѓе кои со години чесно работеле се деградираат, навредуваат и маргинализираат.

Дебатата и функционалноста на Собранието е укината. Пратениците се претворени во гласачки машини и секој закон се носи по скратена постапка. Не се прифаќа ниеден амандман на опозицијата дури и кога тие амандмани се сосема логични и во интерес на граѓаните.  Во само неколку месеци, владата предложи серија закони со директни последици по правниот поредок и финансиската стабилност, без јавна расправа. Автократските влади не бараат одобрување, тие само издаваат наредби.

Без никаква дебата се донесува одлука за задолжување на државата за седум милијарди евра. Авторитарните лидери како Мицкоски сметаат дека државата е нивна своина па имаат право да задолжуваат три поколенија“, наведуваат од СДСМ.