СДСМ мора да биде доследен во своите политики: Интервју со Александар Бајдевски

Кога некој ќѐ праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор, вели кандидатот за лидер на СДСМ во интервју за „Независен“


СДСМ има чесни и паметни луѓе кои можат вистински да ја водат државата напред: Александар Бајдевски

 

Александар Бајдевски е еден од четворицата кандидати за претседател на СДСМ и за пошироката јавност е најмалку познат. Иако, како долгогодишен заменик министер за информатичко општество и администрација често учествувал на јавни настани каде што дебатирал за важни теми. Бајдевски во интервјуто за Независен вели дека сепак, членовите на СДСМ многу добро го познаваат, бидејќи во партијата е активен од 1995 година и во текот на 30 години ја градел кариерата чекор по чекор. Еден од неговите адути е економската платформа, која како што вели, треба да биде во насока на социјалдемократската идеологија. Раст на платите и пензиите, непоколеблива борба против корупцијата и сивата економија се дел од оваа платформа, но исто така и т.н. near-shoring или friends-shoring како можност за привлекување странски инвестиции. Зборува и за причините за зголемување на недовербата кон СДСМ и како да се надмине ваквата ситуација.

 

За пошироката јавност сте веројатно намалку познат од сите четворица кандидати за нов лидер на СДСМ. Но, претседателот на партијата го бира членството, а не јавноста. Какви контакти досега сте имале со поширокото членство на СДСМ?

Можеби сум непознат за јавноста, но членовите на СДСМ многу добро ме познаваат. Активен сум во партијата од 1995 година и во текот на овие 30 години ја градев мојата кариера чекор по чекор, скалило по скалило. Почнав од член на извршен одбор на локален клуб на СДММ како млад активист, па продолжив до претседател на градската организација на СДММ. Кариерата ја продолжив како член на извршниот одбор на општинската организација, преку член на Централниот одбор на СДСМ до претседател на Градската организација на СДСМ Скопје. Токму заради ваквиот пат континуирано сум во контакт со членовите, а не само за време на изборните активности. Во конкретнава кампања за претседател на СДСМ секојдневно комуницирам со членовите и лично, но и преку организирани средби во општинските организации, а верувам и дека ваквите интервјуата ќе придонесат да се допре до секој член.

 

Тринаесет години сте во Министерството за информатичка технологија и јавна администрација, а седум години заменик министер. Колку ова искуство може да ви помогне во кампањата во партиските избори.

Ова искуство нема да има многу голем удел во оваа кампања, во неа многу поголема предност ми дава секојдневниот контакт со членовите наназад речиси 30 години. Но, несомнено е дека ова искуство ќе ми помогне многу за осмислување на идните политики на СДСМ во однос на реализација и подготовка на изборната програма. Исто така, тоа придонесе детално да го запознам системот на функционирање на државната и јавната администрација, а со самото тоа ми овозможува да знам на кој начин и преку кои механизми ќе можам потоа тие политики да ги претворам во пракса.  

 

Останатите кандидати за лидер на СДСМ генерално зборуваат за промени во организациската поставеност, други партиски структури, поврзување со членството, но прашањето за идните економски постулати речиси и да не се споменува. Економијата е клучот за иднината. Во која насока треба СДСМ да ги креира своите идни економски платформи?

Не треба да има дилема дека идната економска платформа треба да биде во насока на социјалдемократската идеологија, која за мала и отворена економија како македонската е единствената која би можела да обезбеди совладување на сериозните предизвици кои ги носи новото време на геополитичка нестабилност. Во својата основа таа би морала да вклучува:

-Настојување за раст на платите во економијата, со цел да се зголемува животниот стандард на мнозинството на граѓаните кои живеат од својот труд. 

А ова е и клучно да се намали иселувањето на граѓаните и падот на работната сила во економијата, бидејќи според сите истражувања разликата во доходите помеѓу земјата на иселување и земјата на доселување е главниот фактор за иселувањата во странство. Затоа, нашата платформа ќе биде секогаш за раст на платите на граѓаните кои чесно си живеат само од својот труд. А, многу поврзано со ова е и заштита на пензиите, односно заштита на доходот на луѓето кои целиот свој работен век чесно работеле од својот труд. Нашата напори секогаш ќе бидат во поддршка на зголемување на пензиите и секогаш ќе се спротивставиме на мерките кои ја уриваат оддржливоста на пензискиот систем и ги доведуваат во ризик идните пензии на граѓаните кои денес работат.

– Силна борба против сивата економија и спротиставување на сите форми на криминал и корупција, кои прават тековите на парите да одат кон мали групи на граѓани, а мнозинството на граѓани едвај да врзува крај со крај. Сивата економија не започнува од жените што чистат, или водоинсталетерот што ни доаѓа дома, туку од највисоките нивоа во бизнисот и општеството, и затоа мора да се преземе бескомпромисна борба против неа. Една мерка што знаеме дека носи резултати е да се елиминираат кеш плаќањата во економијата, односно да се спушти дозволената граница за кеш плаќања до најниско можно ниво, па дури и да изнесува нула. Поврзано со ова, ќе настојуваме да има целосна транспарентност на трансферите и плаќањата од страна на државата. Дури вреди да се размисли и за преземање на практиките од некои ЕУ земји за објавување во јавноста на сите годишни даночни пријави на сите граѓани. Ова секако ќе биде добро за мнозинството на граѓани кои чесно работи од својот труд, а против оние кои купуваат вили и станови во и надвор од земјава, а не јасно како нив можат да ги заработат со примањата на позициите на кои што работат или пак против оние кои се пријавуваат на минимални плати а заработуваат милиони. Се ова ќе направи да може да се воведуваат и прогресивни механизми за оданочување од кои ќе може да се финансира многу подобро здравство и образование.

-Искористување на можностите за near-shoring или friends-shoring кои ги нуди геополитичката фрагментација во светот. Ние јасно стоиме на определбите за целосна интеграција на македонската економија во западниот свет, и како земја членка на НАТО, би морале активно да се бориме да привлечеме доаѓање во македонската економија на многу западни фирми кои ќе ги пренесуваат своите активности од Кина, Русија или слично, во пријателски земји. Бенефитот за нас, како мала и отворена економија, од овој влез на странски пријателски капитал би бил голем. Во овие рамки, би морал да го нагласам и спротивното, а тоа е дека СДСМ целосно ќе се спротистави на влез на капитал со сомнително потекло, кој би имал за цел да ја отргне земјава од патот на интеграцијата во западниот свет. 

Секако, дека ќе бидам отворен да прифатам и други важни елементи на платформата. На пример, деновиве сѐ повеќе зборуваме дека е важно да се спротиставиме на настојувањето на власта да го зголемува јавниот долг без присуство на кризи, бидејќи тоа значи дека товарот сѐ повеќе ќе се префрлува на идните доходи на граѓаните и на крајот граѓаните ќе плаќаат се повисока цена. Или, исто така зборуваме дека е целосно погрешно зголемувањето на бројот на министерствата од страна на власта. Тоа не е во насока на подобрување на администрацијата и услугите што ги нуди. Но, најважно од сѐ е СДСМ да остане конзистентен во своите политики. Мислам дека најголемата промена треба да биде тоа што ќе се договориме да не отстапуваме. Отстапувањето од некои од нашите политики во економијата беше една од најголемите наши грешки и тоа не смееме да го дозволиме во иднина.

 Не треба да има дилема дека идната економска платформа треба да биде во насока на социјалдемократската идеологија, вели Бајдевски

Често се повторува, па дури и од некои што се кандидати за лидер на СДСМ дека партијата, или попрецизно партиските раководители и државни функционери, се однесувале арогантно кон јавноста и членството. И вие сте функционер, дали е тоа реалната слика за СДСМ?

 За жал тоа е слика што се створи заради одреден дел на носители на функции и нивното однесување. Јас, а и многу други носители на функции, секогаш сум бил достапен и ќе бидам достапен и за членовите и за граѓаните, бидејќи за мене тоа не се само обични луѓе. Напротив, јас сите членови на СДСМ ги гледам како дел од моето пошироко семејство, дел од мојот тим, кој ќе придонесе да се врати довербата во СДСМ.

 

Доколку вие победите на изборите пратеничката група речиси целосно составена од досегашни партиски и владини функционери нема да биде дел од новото партиско раководство. Дали постои опасност таа да делува независно од препорачаниот партиски став за одреди прашања?

Не би сакал да зборувам „што би било кога би било“. Досега членовите на пратеничката група не оставиле впечаток кај мене дека има простор за такво нешто. Дополнително на тоа, сите тие се мои партиски другари и другарки и верувам дека со секој од нив ќе успеам да најдам заеднички јазик и дека тие докрај ќе ги почитуваат и промовираат социјалдемократските вредности и политики во нивната работа како пратеници.

 

Недовербата кон СДСМ сега е зголемена во граѓанскиот, невладиниот и либералниот дел од општеството. Разбирате ли во партијата зошто се случи тоа? Дали пораката „нема правда, нема мир“ која го донесе СДСМ на власт сега може да го остави долги години во опозиција?

Мое мислење е дека за ваквата недоверба не придонесе само неисполнувањето на пораката „нема правда, нема мир“. Се собраа на куп повеќе работи: зголемена корупција, немање препознатливи политики, инсистирање на промена на уставот кога сѐ уште не беше направена атмосферата за тоа, немање реформи во судството, недоволна комуникација со членството и граѓаните, започнување на проекти и нивно прекинување итн. Можам да набројувам уште многу, но сметам дека она што е важно е дека сум свесен за сите овие наши грешки, токму поради редовната комуникација и слушање на мислењето на членството. Се обидував да влијаам изминативе години да се променат некои од тие работи, но за жал неуспешно. И токму тоа ми е мотивацијата да се кандидрам, бидејќи знам дека СДСМ има чесни и паметни луѓе кои можат вистински да ја водат државата напред и мислам дека ќе можеме заедно да ја вратиме довербата на граѓаните.

 

Дали на СДСМ веќе му недостасува обмислена и фундирана идеологија врз која ќе ја темели политиката, и каде би одела таа: повеќе кон лево, повеќе кон центарот или во сегашните координати?

СДСМ има идеологија, иако можеби тоа не се отсликуваше целосно во сите политики што Владата ги имплементираше. Паметам дека во времињата кога растев во СДСМ, далечните 90-ти години, партијата редовно организираше обуки кои ќе ја доближат оваа идеологија до секој член. Моето залагање во наредните години, доколку бидам избран, ќе биде токму враќање на ваквиот начин на доближување на нашата идеологија до секој член. Ќе правам напори вакви обуки да имаме барем еднаш на два месеци во секоја наша структура, и на општинско ниво, но и во СДММ, Форумот на жени и стручните комисии. Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на социјалдемократските политики. Кога некој ќѐ праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата, солидарноста, еднаквите шанси за сите.

 

Национализмот очигледно стана преовладувачка сила и во двата етнички кампуса во Македонија. Може ли СДСМ да изгради план да му парира со граѓански наратив на националистичкиот? Досегашниот не успеа. Или можеби размислувате дека некои сегменти од тој наратив би можеле да бидат дел од идната идеолошка и практична платформа?

СДСМ отсекогаш била партија која ги препознава различностите на сите граѓани и се обидувала да направи простор сите тие да си го најдат своето место. Не верувам во национализмот како концепт, бидејќи тој води кон поделби. Но тоа не значи дека не верувам во патриотизмот и токму во таа насока и ќе работам. Сметам дека сите националности во државата треба да си ги негуваат своите различности, но и да го негуваат патриотизмот кон Македонија како матична држава. Ние можеби не успеавме да го спроведеме до крај концептот на „Едно општество за сите“, но мислам дека со анализа на потфрлањата и пропустите на овој концепт можеме да го надградиме и создадеме концепт кој ќе овозможи еднаквост и праведност за сите граѓани.