СДСМ: Молчењето за Стоилковиќ и Китановиќ е одобрување на настапите од власта


Далибор Китановиќ

СДСМ преку соопштение повторно го повика премиерот Христијан Мицкоски да побара одговорност од функционерите од коалицијата, Иван Стоилковиќ и Далибор Китановиќ, обвинувајќи дека нивното останување на функциите претставува премолчено одобрување на нивните јавни настапи.

Од партијата велат дека Стоилковиќ, кој е дел од Владата, во Собранието навредувал пратеници и го величал Ратко Младиќ, додека Китановиќ, како директор на Агенцијата за правата на заедниците, објавувал пофалби за човек кого СДСМ го обвинува за етничко чистење. 

Од СДСМ го споменуваат и Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците, за кого тврдат дека објавувал навредливи содржини и говор на омраза насочен кон СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче.

„Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на Вучиќ“, обвинија од СДСМ.

Партијата оценува дека отсуството на оставки или разрешувања значи дека Стоилковиќ и Китановиќ остануваат на истите позиции и дека премиерот Мицкоски не презема одговорност за нивните постапки.

„Без оставки на Стоилковиќ и Китановиќ значи дека останале на истиот став дека Младиќ е нивен генерал. А со тоа и Мицкоски, како нивен шеф, потврди дека Младиќ е и негов генерал“, порачаа од СДСМ.