СДСМ: Милошоски се плаши од владеење на правото


Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на собраниска комисија прочита транскрипт од снимка на која, наводно, се зборува за финансирањето на затворената телевизија 1ТВ, СДСМ го повика сите докази што ги имал да ги предаде до надлежните институции.

„Ако се толку уверени во своите лаги, итно нека поднесат сѐ што имаат како материјали до институциите, па низ јавни и отворени постапки да ги видиме наводните докази. Милошоски е очаен криминалец и очигледен е стравот кај него од владеење на правото и од независен судски систем што се обезбедува со носењето на ЗЈО“, наведува СДСМ во партиско соопштение.

Во него уште се вели дека „граѓаните многу добро знаат како ВМРО-ДПМНЕ постапуваше со медиумите и новинарите. Од закани за фрлање во ендеци, апсења и затворање на новинари, упади во медиуми, венци за новинари на домашни адреси, до медиумски мрак и задушени медиумски слободи“.

Милошоски на седницата го прочита транскриптот на снимката во кој вели дека лице со иницијали З.З. зборува за финансирањето на телевизијата 1ТВ на Бојан Јовановски-Боки 13.

„Го прашав Боки од каде тие парите за телевизијата? Ми вика: имав еден фраер од Хрватска и од Циле, (Силјан Мицевски) што му легнаа пари тогаш за старечките домови, ако знаеш.

Ние на неколку пати така му помогнавме во телевизијата, главно за маркетинг, тоа беше уште порано лани октомври-ноември 2018-та година“, го прочита Милошоски транскриптот од, како што рече, лицето З.З.