СДСМ: Милошоски ја кочи и ратификација на договорите од Отворен Балкан
СДСМ е незадоволен од оддолговлекувањето на седницата на Комисијата за надворешни работи на која треба да се ратификуваат договори од инизјјативата Отворен Балкан.
„Станува збор за договори со чија ратификација граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Овие договори ќе овозможат нови работни места, пополнувања на недостигот од кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави“, рече денеска на прес-конференција пратеникот Миле Талески.
Според партијата, тоа ќе биде од огромна помош за фирмите кои имаат свои претставништва во трите држави, за полесно да отвораат нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа, а истовремено ќе овозможи младите од трите држави полесно да можат да започнат заеднички бизниси.
„Сите решенија се подготвени за да започне издавањето на Идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави, без издавање работни дозволи.
Но, овој проект, за жал сѐ уште не може да почне бидејќи меѓународните договори со кои се уредува оваа материја не се ратификувани, а не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не закажува седница на Комисијата, каде тие ќе бидат на дневен ред“, рече Талески.