СДСМ: Мицкоски наутро бара референдум, попладне предвремени избори


СДСМ преку соопштение возврати на денеска изнесената понуда од ВМРО поврзана со уставните измени и предвремените избори, која од владејачката партија ја нарекуваат уцена.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не можат да уценуваат никого. Сите нивни обиди за дестабилизација на државата, сите нивни лаги за наводна асимилација и бугаризација пропаднаа, тие веќе немаат никаков кредибилитет пред граѓаните. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се конфузни, наутро бараат референдум, а попладне предвремени избори. Мицкоски веќе не знае што да направи за да ја спаси фотелјата во белиот дворец откако грбот му го свртеа коалициски партнери и други опозициски партии. Избори ќе има во редовниот термин во 2024 година. Дотогаш ВМРО-ДПМНЕ има време да се преиспита и да го смени своето деструктивно, антидржавно однесување на штета на интересите на граѓаните и државата“, велат од СДСМ.

Реакцијата на СДСМ уследи откако ВМРО-ДПМНЕ  побара повторно власта да ги стави уставните промени на гласање и ако не пројдат – да организира вонредни избори. Според оваа партија, Ковачевски губи време со обидите да добие поддршка за промените и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

-За да престанат притисоците од страна на власта кон пратениците, СДСМ и Ковачевски имаат избор и понуда од страна на претседателот Христијан Мицкоски.Доколку Ковачевски и СДСМ се сигурни дека имаат 80 пратеници, веднаш по враќање на пратениците во Собранието да ги стават уставните измени на дневен ред на првата собраниска седница. Но, ако на таа седница не поминат уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот, наредниот ден, да се распушти Собранието и да се оди на предвремени парламентарни избори.Ако од власта се сигурни дека она што го прават е исправно еве им избор, или слугување на Бугарија и промена на Уставот или предвремени избори.Ова е чесна и фер понуда“, порачаа од опозицијата.