СДСМ: Мицкоски измислува нова глупост за „редефинирање на државата“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најде нова тема за заплашување, овојпат тврдејќи дека до него стигнувале информации дека нема само да се внесуваат Бугарите во Уставот туку ќе се направи и целосно редефинирање на Македонија како држава за да биде бинационална и со два народа, а сите други да бидат малцинство. Мицкоски посочи дека тоа се разговара на комисијата и им фали уште да ги исцртаат границите и Македонија формално да биде федерална држава.
– Да внимава Ковачевски што ветува, ние знаеме неговата концесија кон главниот играч во владата, а тоа е ДУИ, е голема. Знаеме дека добива одредени финансиски надокнади за ова да го прави, но за сето тоа ќе се зборува по изборите, бидејќи сето ова се само информации. Затоа е многу важно да остане достоинствен, месеци се во прашање и да не прави дополнителна штета на македонскиот идентитет, рече Мицкоски практично обвинувајќи го премиерот Ковачевски дека за пари ја продава Македонија на ДУИ.
Жаклина Лазареска, пратеничка на СДСМ, ги нарече овие зборови на Мицкоски бесмислици и дека место да одговори дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица, Мицкоски „измислува нова глупост за наводно редифинирање на државата“.
„Очигледна е намерата Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да побегнат од одлуката дали да се приклучат на проевропскиот блок или да останат со Левица во антиервопскиот. Ова е стар и веќе виден пристап на сеење лаги, како што беше за бугаризација, асимилација, мигранти, кантонизација и што уште не. Време е за глас за Европа во македонското Собрание, а не за нови бесмислени измислици кои немаат никаква врска со реалноста, вели Лазареска.