СДСМ: Мицкоски беше директно одговорен за поскапување на струјата за 100 отсто

Мицкоски има директна одговорност што цената на струјата се покачи за 100 отсто за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од СДСМ по повод најавениот протест на опозициската партија вечерва мотивиран од одлуката да се зголеми цената на струјата за над 7 отсто.

– Зголемување на цената на електричната енергија за 100 отсто, укинување на евтината тарифа на струјата, зависност на државата од увоз на струја се достигнувањата на Христијан Мицкоски како директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ/ЕЛЕМ) и советник за енергетика на Никола Груевски.

Христијан Мицкоски, според СДСМ, водел најлоша енергетска политика и наместо на граѓаните мислел само на своите бизниси со хидроцентралите, кои ги добил од владата во која бил советник и профитирал безмалку милион евра.

– Затоа е лажна неговата загриженост за цената на струјата и затоа е лицемерен неговиот протест денеска кој е со единствена цел – да си ја одбрани фотелјата во белиот дворец, велат од СДСМ.

Од таму уште додават дека за разлика од  неодговорниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, сега ЕСМ  не купува електрична енергија, туку продава енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра.

– Оваа компанија сега има добивка од 80 милиони евра, за разлика од загубите во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните денес користат дневна евтина тарифа на струјата, истата онаа што Мицкоски ја укина и на чие повторно воведување, ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше потенцират од СДСМ.

Пазарот на електрична енергија според СДСМ денес е либерализиран за сите потрошувачи, вклучувајќи ги и домаќинствата и преку моделот на универзален снабдувач се штитат граѓаните од пазарен ценовен шок.