СДСМ: Контролор на патарините и кадар на ВМРО-ДПМНЕ одбивал да плаќа патарина


СДСМ тврди дека скандалот во Јавното претпријатие за државни патишта ЈДПД со поставувањето партиски кадри од страна на Коце Трајановски и ВМРО- ДПМНЕ се проширува.

„Веќе објавивме дека Трајановски и ДПМНЕ го поставиле Миланчо Митревски за шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец.Иако бил фатен како ја злоупотребува службената положба за што има и изречена дисциплинска санкција. Митревски наплаќал повеќе пари на патарините а вишокот пари си ги земал за себе.Тој не ги исполнува условите да биде шеф на контролорите, единствена квалификација му е тоа што е “хард кор“ партиски кадар на ДПМНЕ и сопруг на советничка на ДПМНЕ во Велес.

Денеска откривме дека шефот на контрола продолжува со злоупотребите, не плаќа патарини. Снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи покажуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина – не плаќа патарина.Еве слика од оваа снимка на којашто се гледа возилото кое го управува Митревски. На 15. август во 08:47 часот  непосредно откако е назначен заедно со неговата сопруга Бети, присилно го тера вработениот на наплатна станица Отовица да го пропушти без да плати.

Оваа е честа пракса на Митревски. Веднаш надлежните институции да преземат мерки и да установат колку пати Митревски направил вакви дела. Бидејќи овие податоци се јавно достапни, СДСМ ги провери на веб порталот од Системот за електронска контрола на патарините и тие се целосно потврдени.Еве дел и од изводите. Возилото со регистерски таблички кое го управува Митревски не платило патарина.Ова се само дел од изводите, со точен датум и време. Сите се оваа година, во различни месеци.

Тој што треба да контролира наплата самиот не плаќа. Очигледно со амин на Коце Трајановски.Народот да плаќа, само партиските кадри на Мицкоски и Трајановски да не плаќаат патарина.Ова е недозволиво. Особено што луѓе кои работат на патарините беа приведени за 20 – 30 денари вишок пари, оценуваат од СДСМ барајќи Коце Трајановски  веднаш да го разреши Митрески а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија дека на СДСМ му пречи зголемената наплата на патарините откако тие се на власт. 

„Тоа што на СДС им пречи во ЈПДП е тоа што во месец јули оваа година во однос на месец јули минатата година наплатата од патарини е зголемена за 1.1 милион евра. СДС гледаат колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Коце Трајановски. СДС гледаат како сега се работи во ЈПДП и со која брзина се реализираат работите, нешто што беше незамисливо во нивно време. 

Втора работа која СДС сака да ја сокрие и заради која го напаѓа Коце Трајановски е тоа што непосредно пред избори во ЈПДП бројот на вработени го зголемиле за 50%, т.е. вработиле нови 150 луѓе. СДС ја кријат партизацијата која ја направиле и мислат дека со неосновани напади ќе го измамат народот, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.