СДСМ: Кој во власта дозволил да се одгледува нелегално марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони?


СДСМ и денес бара одговор на прашањето како пет тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара.
 
„Сите молчат. Мицкоски. Тошковски. Николовски. Тарчуловски. Томовски…Соочени со фактот за сопствената одговорност се впуштија во медиумска кампања и лицитираат со запленети 100 тони марихуана која според нив била нелегално произведена. 
Но, така заглавија уште подлабоко.
 
Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле.За производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари – што е еднакво на над 40 фудбалски стадиони. Кој дозволил толкава површина да се одгледува во Македонија? Зошто не била направена ниту една теренска контрола?
 
Значи две години МВР, Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, инспекторатите не презеле ништо. Како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога како се транспортира, складира, пакува? Што правеле АНБ и АР?
 
Поминале 5 тони дрога преку граница, шлепери и шлепери, покрај 65 илјади камери од „Сејф сити“, покрај скенери, контроли, полиција и царина и никој ништо не знае? Нема одговор на овие прашања за тоа што одговорноста за нарко скандалот е во врвот на власта.
Место да кажат конечно како поминале петте тони преку граница, од ВМРО-ДПМНЕ вината ја префрлија на СДСМ, нарекувајќи ги нејзините прашања спин и манипулација.

“По се што Филипче и СДС се обидуваат да и сервираат на јавноста околу темата за канабис, редно е да дадат и објаснување за фотографијата со Тони Котев, сопственикот на фирмата „ЦБД Медплант“, поврзана со илегална марихуана. Филипче и Заев како најпознато криминално дуо кое некогаш постоело во земјава имаат оставено црн печат секаде, во секој сектор, во секоја институција, во секоја пора на општеството.Околу темата за канабисот, Филипче пред неколку дена на национална телевизија беше видливо нервозен и конфузен, а Заев пак никна на социјалните мрежи со статуси кои очигледно беа напишани во паника.

Јавноста се сеќава кога во 2020 година, ова дуо сакаше да ја легализираат марихуаната во земјава, па откако тоа не им успеа, се фрлија на масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица кои беа блиски до СДС.

Па така, за кратко време струмичкиот регион стана жариште на производство на марихуана, значи имало координирано ширење на индустријата под покровителство на Заев и Филипче. Клучниот момент е измената на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, каде во член 2 се додаде можноста канабисот да се одгледува и на отворено. Овој подзаконски акт за канабис е во директна колизија со законот, бидејќи дозволува производство на канабис цвет кој не ги исполнува ГМП стандардите. Ако не ги исполнува тие стандарди, финалниот производ не може легално да се користи како медицински“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според нивна оценка, од поголемите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони марихуана, 70% од истите или некаде околу 30 тони потекнуваат од „ЦБД Медплант“, или фирма основана во 2018 година од страна на блиски луѓе до Заев, поконкретно Христијан Котев, син на Тони Котев, кој е поранешен претседател на ОО на СДС во Ново Село, и човек близок до Заев.

Наместо да водат кампања која е само спин и манипулација, Филипче и СДС можат јавно да објаснат каде завршувала марихуаната што, според законите, не можела да се користи како легален медицински производ. Јавноста има право да знае дали станува збор за лични или партиски интереси и кој имал профит од овој нелегален бизнис.Затоа го повикуваме Јавното обвинителство итно и темелно да ја истражи целосната релација помеѓу Заев и Филипче, нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, како и сите околности што упатуваат на партиски и лични интереси во нарко-бизнисот. Јавноста заслужува целосна транспарентност и еднаквост пред законот“, реагораат од ВМРО-ДПМНЕ.