СДСМ: Клековски ги празни базените што ги отвори Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

СДСМ оценува дека министерот за здравство Сашо Клековски ги празни базените што ги отвори премиерот Христијан Мицкоски, откако првиот препорача да се испушти водата од базените за да не се собираат комарци.

„Единствениот државен ПЕТ-скенер не работи повеќе од еден месец. Онколошките пациенти повторно чекаат, повторно се праќаат на приватно, повторно плаќаат илјадници евра за дијагностика без која не може да се води терапија. Министерот Клековски синоќа објаснува дека скенерот „не е расипан“, туку дека за време на редовен сервис откриле проблем со циклотронот, дека нема суровини, дека маслото е во рестриктивен режим, дека треба дозволи од Белгија и Америка, дека Муцунски лично се јавува во Брисел. Ова не е објаснување туку признание за аматерски пристап кон единствената јавна дијагностика од овој тип во државата“ соопштија денеска од СДСМ.

Велат „Циклотронот и ПЕТ-скенерот се еден систем. Без радиофармацевтик скенерот е мртва машина. Проблемот да се открие дури кога апаратот веќе е во сервис значи дека нема постојано следење, нема залиха на критични материјали, нема план Б. Кога станува збор за нуклеарна медицина и за пациенти со рак, таквото „ќе видиме кога ќе дојде сервисерот“ е неодговорност. Пациентите не можат да чекаат извозни дозволи. Полуживотот на материјалот е краток. Тоа го знае секој што се занимавал сериозно со оваа област“.

„Во исто време Владата сече ленти на базени. Премиерот ги отвора. Потоа министерот за здравство ги повикува граѓаните да ги испразнат базените и коритата поради западнонилската треска. Слика на целосен циркус: пари и камери за објекти кои потоа се празнат, а за единствениот ПЕТ-систем во земјата нема ни основна залиха и превентива. Сериозен пристап изгледа поинаку. Прво, договорот за одржување не е формалност. Мора да опфаќа и циклотрон и скенер, со задолжителна залиха на критични потрошни материјали и со рокови што не зависат од „ќе се јавиме во Брисел“. Второ, алтернативното снабдување со радиофармацевтик од соседните земји се активира веднаш, не по еден месец застој. Трето, јавноста и пациентите добиваат точен датум и број на чекање, а не изјави дека „многу скоро ќе објавиме кога ќе почнеме“ – е ставот на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ напаѓа со политички конструкции и лаги и дека тие како партија одговараат само со факти.

„Пред фактите и доказите пропаднаа обидите на талогот на СДС за конструкции, ширеше лаги и паника поврзани со водата за пиење.И, наместо да преземат одговорност за кажаните измислици и за тоа јавно да им се извинат на македонските граѓани, од СДС продолжуваат со потполно истата матрица.Нов ден, нова политичка конструкција и нов обид за создавање хаос. СДС повторно се обидува да наметне политичка тема преку создавање непотребна паника и ширење тврдења кои не се потврдени со факти.Наместо да се соочи со сопствените пропусти и да понуди одговори за своето политичко дејствување, опозициската партија продолжува со познатата стратегија на политички напади и дневни конструкции.

Кога фактите не им одговараат, СДС создава нова приказна. Кога ќе пропадне една конструкција, следи нова. Но, граѓаните веќе јасно ја препознаваат оваа политика на СДС која произведува приказни и создавање недоверба, и ВМРО-ДПМНЕ која работи и испорачува резултати во интерес на сите.Од СДС може да покажат трошка доблест и да одговорат каде беше партијата кога на граѓаните во Гостивар им била потребна конкретна помош, зошто не обезбедиле ниту еден пакет вода и зошто не барала одговорност од градоначалникот Валбон Лимани, за кој бараа поддршка на минатите избори.Дополнително, до кога нивниот политички хаос и неуспех ќе го покриваат со нов спин, лага, дезинформација и нов обид за создавање паника и недоверба кај граѓаните.

Венко Филипче може да ужива на продолжениот одмор со Зоран Заев на милионската јахта во Паљури, но нема да може бесконечно да бега од хаосот и хистеријата кои ги прави партија чиј формален претседател e.Македонија нема потреба од опозиција која својата неспособност и немањето идеи сака да ги скрие со создавање на хаос, паника и страв, туку на граѓаните им требаат работа, стабилност и конкретни резултати за подобар живот.Наспроти хаосот на талогот на СДС, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да одговара на обидите за политички манипулации со факти, конкретна работа и резултати и тоа граѓаните добро го гледаат“, пораќаа од ВМРО-ДПМНЕ изнесувајќи импресии место факти за состојбата.