СДСМ ќе се „чисти“ на конгрес


По завршувањето на изборите, СДСМ ќе одржи конгрес на кој, според најави од висок партиски функционер, ќе се анализира и утврдува одговорноста на сите носители на партиски и на државни функции. Со партискиот статут е предвидено по секои избори конгресот да усвои извештај за тоа како се одвивал процесот, така што претстојниот конгрес, според извори на „Независен весник“, ќе биде искористен и за да се спроведе „кадровската чистка“ што ја најави партискиот лидер и премиер Зоран Заев, откако првиот претседателски круг укажа на голема апатичност на гласачкото тело, што резултираше со мошне тесна разлика во гласовите меѓу власта и опозицијата.
На првата партиска трибина пред вториот изборен круг, кој се одржа во општина Карпош, Заев го соопшти она што, според партиски извори, се договарало уште пред неколку месеци, но се чекало да завршат изборите – дека ќе има потемелна реконструкција на извршната власт. Тој рече дека првичните резултати од претседателските избори се јасна порака од граѓаните до власта за незадоволство од нејзината работа и се аргумент за промени по вториот изборен круг.
– Пораката е дека има незадоволство од функционери, од централната и од локалната власт. Им возвраќам, ќе има чистка, секако дека ќе има чистка. По изборите, ќе се случат промените. Редот е да ја испратам мојата порака до тие што останаа дома, државата ни е во прашање. Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата поради локалната или централната власт – рече Заев. Тоа го испровоцира актерот Драган Спасов-Дац, кој своевремено поднесе оставка од морални причини од директорското место во МНТ, да му подари метла на Заев.
Владејачките партии ја изгубија предноста во над 40 општини каде што освоија градоначалнички места на последните локални избори. Карпош и Центар, пак, се единствените општини на територијата на главниот град во кои СДСМ успеа да задржи предност пред ВМРО-ДПМНЕ, една и пол година по локалните избори кога власта оствари убедлива победа во цело Скопје. Овој пат вкупните резултати од сите скопски општини покажаа предност од неколку стотици гласови на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, пред Стево Пендаровски.
По игра на случајот, градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, вчера, заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, се вклучи во акција за чистење на депонијата зад салата „Борис Трајковски“, каде што пред дваесетина дена се одржа промоцијата на Пендаровски како претседателски кандидат на владејачките партии. Двајцата градоначалници изјавија притоа дека нема логика да биде казнет Пендаровски поради незадоволство од владеењето на СДСМ. Шилегов рече и дека во СДСМ е почнат процес на утврдување индивидуална одговорност.
– Ако граѓаните не се задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме државата. Чувствувам одговорност кон граѓаните и треба да се решаваат проблемите – рече Шилегов.
Богоев, пак, не се согласува со констатациите дека првиот круг бил поразителен за СДСМ.
– Не би рекол дека е лош резултатот. Најверојатно тоа е порака дека некои работи треба да ги забрзаме. Ваквите пораки сериозно се сфаќаат од наша страна. Во вториот круг нема логика да биде казнет Пендаровски, кој најавува дека ќе ја води државата напред – рече Богоев.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, кој по функција се смета за најупатен во кадровските политики на партијата и е шеф на изборниот штаб на Пендаровски, не одговараше вчера на телефонските повици за да каже дали чувствува одговорност поради утврдената потреба од „чистка“ во функционерските редови, по изборниот резултат што е под очекувањата на владејачката партија. Од ДУИ, исто така, нема конкретен одговор што ќе преземат откако изборниот резултат од неделата покажа дека гласачкото тело на втората владејачка партија не дало голем придонес за поддршка на „консензуалниот кандидат“.
Како што објави „Независен весник“ кон крајот на февруари, во партиското раководство уште тогаш се разговарало за сериозни кадровски промени по претседателските избори, односно на двегодишнината од преземањето на власта. Притоа било проценето дека е неопходна потемелна реконструкција во извршната власт, односно не само во владиниот кабинет туку и во третиот ешалон. Кадровските промени биле разгледувани како можност за стабилизирање на владата, особено по серијата несогласувања меѓу коалициските партнери – СДСМ и ДУИ.
Заев завчера посочи и на локалните власти како одговорни за летаргичноста кај гласачкото тело. Од тој аспект, партиски извори посочуваат дека ревизијата во СДСМ, веројатно, ќе почне од градоначалниците. Иако, за разлика од функционерите во извршната власт, премиерот нема надлежности да влијае на мандатот на градоначалниците или на членовите на општинските совети, не се исклучува можноста партискиот врв да побара оставки од одредени функционери во локалната власт, а можни се и промени во раководствата на општинските организации на партијата. Во политички кругови, најавата на Заев за кадровски чистки се толкува како потег од крајна нужда, со оглед на тоа што изборниот резултат ја затече партијата која очекуваше да оствари значително поголема предност во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Иако најавата за кадровски промени, главно, наиде на одобрување во јавноста, како и кај многумина поддржувачи на левицата, се посочува и на ризикот со ова да се предизвикаат внатрепартиски несогласувања и битка на повеќе струи, во овој критичен период меѓу двата изборни круга.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека чистката што ја најави премиерот треба да почне од него самиот.
– Не е до чистката, туку проблемот е до тој што треба да исчисти, името му е Зоран Заев – забележа на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, Заев ги изневерил и ги излажал граѓаните и донел апатијата и разочараноста во државата.
– Ставот дека сите други погрешиле, но само тој е чист, е потценување на граѓаните. Затоа на 5 мај мора да добие лекција која очигледно не ја научи оваа недела – коментира Мицкоски.
Претседателската кандидатка Силјановска, пак, постави прашање: „Се чудам од каде смрдеше рибата? Народот ќе ви ја испорача метлата на 5 мај“.
Александра М. Митевска