СДСМ ќе поднесе закон да се врати намалената плата од 30 отсто за административните службеници
СДСМ ќе поднесе предлог за измена на Законот за административни службеници, со цел да се врати достоинството и независноста на законодавниот дом.
„Ќе поднесеме Закон за измена на Законот за административни службеници, кој што власта го смени пред некое време и со која што измена вработените во собраниските служби ги стави на ниво на сите административни службеници, со што платата им се намалува за 30 отсто. Сметаме дека на тој начин сериозно се компромитира независноста на Собранието“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција во Собранието.
Притоа, Филипче потсети дека во мандатот на владата на СДСМ беше обезбедена финансиска и институционална независност на Собранието и беше зачуван дигнитетот на вработените во Собранието.
„Ние во нашиот мандат прво обезбедивме независно буџетирање. Буџетирање не да зависи од Министерството за финансии, туку тука буџетски совет на Собранието којшто одредува колкав треба да биде буџетот и соодветно поголеми од целата друга администрација плати за 30%, поради тоа што овие вработени во Собранието мора да работат со дигнитет, мора да имаат чувство дека работат во посебна независна власт, поради тоа што сите политики се креираат во овој законодавен дом“, рече Филипче.
Тој додаде дека со последните измени направени од власта, на вработените во Собранието им се одземаат стекнати права кои ги заслужуваат со својата работа.
„Сметам дека не е коректно да им се одзема тоа што им е дадено на луѓето, посебно што тие луѓе со својата работа тоа го заслужуваат“, рече Филипче.