СДСМ ќе поднесе кривична пријава против Наќе Чулев


Во интервјуто на Телма лидерот на СДСМ Зоран Заев, говорејќи за  последните случувања околу Литијата во Струга, најави дека СДСМ ќе поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи Наќе Чулев поради неспроведување на мерките за заштита од епидемијата.

-СДСМ ќе поднесе кривична пријава за оваа работа, за да остане трага, друг да не го направи истото. Оливер Спасовски јавно побара Чулев да поднесе оставка. Се работи за принцип, се работи за нешто што е темел на нашиот Устав. Зошто се применуваат санкциите, за да друг не ги направи истите грешки. Има забрана, таа треба да се почитува. Овде има сериозна одговорност, зборувам за двете најголеми верски заедници во државата. Законот мора да важи еднакво за сите. Зборувам принципиелно како политичар или растоварен човек. Да не се вратиме назад ако попуштиме сега, ќе треба неколку години да го постигнеме ова. Едно општество за сите е голема вредност. Сите сме граѓани денеска. И од тој аспект еднаквоста треба да биде за сите. Треба да се научиме дека никој не е над законот, посочи Заев.

Тој се осврна и на вонредната состојба, наведувајќи дека таа беше воведена заради здравствената состојба и епидемијата на Ковид-19, но и поради економските импликации од корона кризата.

-Иницијативата да прогласиме вонредна состојба се донесе кај претседателот на државата и тогаш причините беа економските импликации, за да може Владата да носи уредби со законска сили и да им помогне на граѓаните, на стопанството, а и заради здравствената состојба. Сите мерки кои ги гледате како се димензионираат околу ограничувањата не се уредби со законска сила, туку се одлуки на Влада. Уредбите најмногу се однесуваат на економските импликации, така што ако биде продолжена ќе биде заради економските импликации, а ако не биде продолжена, тоа ќе биде поради тоа што повеќе нема економски причини за тоа, истакна претседателот на владејачката партија.

Напомена дека единствениот механизам во моментот во однос на изборите е уредбата со законска сила за изборите, кои како што рече се дефинирани од завршување на вонредната состојба.

-Само претседателот на парламентот распишува избори. Тоа решение е сега замрзнато, додека трае вонредната состојба. Штом заврши се одмрзнува и остануваат уште 22 дена до изборите. Логиката ми кажува дека ќе има продолжување на вонредната состојба поради економски,а веројатно и здравствени причини, и на крајот заради правно формални, истакна Заев. Според него,  тоа ќе и овозможи на Владата да ги реализира сите мерки за помош на економијата во услови кога нема парламент.

Зборувајќи за рејтинзите, Заев рече дека СДСМ има шест отсто предност пред ВМРО-ДПМНЕ со тенденција на зголемување до осум проценти, што се должи на исправните економски мерки.

-Лично верувам дека мојата политичка опција заедно со граѓаните, тоа што го нудиме, и како кадар, и како политика, дека ќе имаме нов мандат. Очекувам да порасне нашиот рејтинг до есен и да имаме предност и осум проценти, затоа што имаме солидни економски мерки. Имаме доволно пари, имавме голем пораст на БДП. Тврдам дека ќе бидеме економија за најмалку последици од пандемијата. Затоа и имавме рестриктивни мерки, за да спречиме ширење на вирусот, истакна Заев.

Тој објасни дека СДСМ ќе практикува нов метод на изборна кампања.

-Граѓаните не познаваат, но сепак е важна кампањата, програмата и кадрите кои ќе се понудат. Нема да можеме класични митинзи секако, но може мали собири, со граѓани на дистанца. Еве имаме пример во Германија, како граѓаните беа на собир со дистанца. Ние ќе користиме видео стриминг од настаните со носителите на листите. Така ќе ја преставиме програмата пред гласачите и секој ќе може тоа да го следи. Настапи ќе имаат и другите кандидати. Имаме алатки кои ќе ги користиме. Можеме и со принципот од врата на врата, појасни Заев.