СДСМ ќе избира нов премиер пред Нова година


Се очекува денеска Владата да одржи редовна седница – прва по неуспехот што го доживеа земјава на самитот на ЕУ во Брисел и по најавата за вонредни парламентарни избори во април следната година. На „Илинденска“, како што соопштуваат соговорници оттаму, главно, останува сè по старо во наредните околу два и пол месеци, односно до почетокот на следната година, кога премиерот Зоран Заев ќе се повлече од функцијата. Во меѓувреме треба да се донесе буџетот за 2020 година во кој, во секој случај, ќе беа предвидени средства за избори. Одлуката на лидерската средба за избори напролет, всушност, значи само „забрзување“ на гласањето, кое во спротивно ќе се реализираше неколку месеци подоцна, односно наесен – во редовен термин. Со оглед на тоа што Владата останува во овој состав до крајот на годинава, се очекува Заев да присуствува и на декемврискиот самит на НАТО во Лондон.
Во СДСМ допрва ќе се прават консултации кој ќе ја предводи Владата во првите сто дена од 2020 година, односно во деновите пред гласањето на 12 април. Треба да се донесе одлука и кој ќе ги заземе заменик-министерските позиции со право на вето во Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, каде што министрите ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. По лидерската средба, Заев соопшти дека предложил изборите да се одржат на 22 или на 29 декември, за да не се загрози процесот на зачленување на земјава во НАТО. Но тој предлог бил одбиен од опозицијата, со образложение дека треба да се запази рокот од сто дена за формирање на пржинската влада. Така, наместо да оди на избори, СДСМ пред новогодишните празници ќе носи одлука кој да го замени Заев на премиерското место во периодот на предизборието. Како најсериозен кандидат за таа позиција од порано се спомнува вицепремиерот Оливер Спасовски, кој, всушност, со формирањето на техничката влада нема да може да биде повеќе министер за внатрешни работи. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, пак, се очекува да биде шеф на централниот изборен штаб на владејачката партија. Сепак, одлуката за тоа кога СДСМ ќе премине во штапско работење треба да ја донесе Централниот одбор на партијата. Засега не е најавена седница на ова партиско тело.
Иако до изборите има уште половина година, Заев, веднаш по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, ги собра на „Бихаќска“ коалициските партнери на СДСМ. Се најавува дека и за овие избори останува коалицијата со која социјалдемократите настапија на последните парламентарни избори – во декември 2016 година. Потоа следуваа уште два изборни цикулса – локалните избори во 2017 година и претседателските оваа пролет. На овие две изборни соочувања со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ настапи во коалиција со партнерите во Владата, односно со ДУИ, но за претстојните парламентарни избори, што несомнено ќе се реализираат според важечкиот пропорционален модел со шест изборни единици, ДУИ најверојатно ќе настапува самостојно.
Според наши информации, на состанокот во неделата на Бихаќска дел од коалициските партнери му посочиле на Заев дека немало потреба да брза со предлогот за брзи избори, затоа што неуспехот во Брисел е од објективни причини, а ова парламентарно мнозинство има мандат до крајот на 2020 година и не треба да исполнува желби на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, Заев рекол дека мора да преземе одговорност за недобивањето датум за преговори со ЕУ, ама дека е убеден во успех на изборите во април и добивање нов мандат.
По средбата со коалициските партнери, Заев изјави дека сите присутни дале поддршка за датумот што беше договорен на состанокот во претседателската резиденција. Посочи и дека коалицијата на СДСМ „останува стопроцентно посветена на нашиот евроатлантски пат“.
– Демотивацијата што ЕУ, преку една земја членка успеа да ја вгради овде во нашите души, нема да не обесхрабри да го продолжиме тој пат. Ние веруваме во европските вредности, веруваме дека нашиот народ од сите етнички заедници заслужува да биде европски народ, кој ќе ги живее истите европски вредности што ги живеат граѓаните на модерните западноевропски земји – изјави Заев. (А.М.М.)