СДСМ ќе го стави на тест Талат Џафери


СДСМ собира потписи за повторно свикување на распуштениот парламент, со најава дека таквото барање утре ќе се најде на маса пред спикерот Талат Џафери.

Тоа ќе ѝ даде политичка димензија на кризата со корона вирусот, затоа што ДУИ треба да одлучи кои ставови да ги застапува, тие на власта или на опозицијата. Пратениците на СДСМ со своите потписи сакаат Џафери да го свика распуштениот парламент за да може тој да ја одобри вонредната состојба што по втор пат ја прогласи претседателот Стево Пендаровски.

На оваа сдсмовска иницијатива, како што дознаваме, се приклучуваат и пратеници на други партии и сосема веројатно ќе има повеќе од неопходните 20 потписи потребни за свикување седница. Сите тие (како и дел од уставните експерти) мислат дека оваа ситуација е правно неодржлива и дека парламентот може да се свика бидејќи, според Уставот, тој е во постојано заседание.

Талат Џафери (ДУИ) од почетокот е на сосема спротивната позиција – дека еднаш распуштен парламент веќе не може да се свикува. Тој негов став Џафери го промовираше и бранеше кога се водеше расправа дали парламентот може да се свика по неговото распуштање за да даде конечна потврда на одлуката за членство во НАТО. Џафери тогаш не попушти и Македонија предвреме го ратификуваше протоколот (без тој да помине во последната земја – Шпанија). ДУИ и вчера не гледаше поента за во иницијативата за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание. Од оваа партија твдеа дека ниту се запознати ниту се консултирани за иницијативата, а дека таа за да помине треба да има консензуална поддршка. Според нив одлуки со сила на закон носи Владата и дека одлуките на Пендаровски може да ги потврди идниот парламентарен состав!.

Против повторно свикување на парламентот се изјасни и ВМРО-ДПМНЕ. Тие потенцираат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.Според нив секој чекор надвор од договореното на лидерската средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус.

Кооринаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митроски, вели дека ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот.

– Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба – вели Митроски.

Собирањето на 20 пратенички потписи, според  СДСМ, е поради фактот што Џафери одбил да го свика Собранието кога Пендаровски ја донесе првата одлука за воведување вонредна состојба. Тогаш, објаснуваат од СДСМ, материјалите за свикување седница Џафери не ги доставил до пратениците, па сега, преку собраните 20 потписи ќе направат нов обид Џафери да го свика Собранието. Проблем е дека освен Џафери никој друг не може да го свика Собранието.(Р.Н.)