СДСМ: Кај Мицкоски нема ни грам човечност


Фото: Б. Грданоски

 

Христијан Мицкоски вели дека има сериозни информации оти истрагата за грабнувањето на Вања Ѓорчевска почнала предоцна, а СДСМ го обвини дека во него нема ни грам човечност.

За време на синоќешното интервју на ТВ Шења лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  фрли сомнежите и обвинувањата и како многу пати во слични ситуации рече дека за тоа не би зборувал сега, но ќе било изнесено за неколку месеци.

Како партијата и нејзините структури да прават паралелна истрага за грабнувањата и ликвидациите на Вања и Панче Жежовски Мицкоски рече дека „многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали“. И додаде:

„Но тоа сега нема да го дискутираме бидејќи како политичка парија, а и јас лично бевме надвор од сето ова намерно за да не се создава впечаток, како тие што создаваа со децата од Смилковско и малата Тамара. Затоа не се мешавме и воопшто да не влијаеме на процесот за да не бидеме лошо сфатени. Но, за месеци од денеска сето ова ќе биде изнесено на лице пред јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. Тие информации што јас ги знам се озбилни“, рече Мицкоски.

На оваа изјава и други членови на партијата СДСМ денеска обвини дека сакаат да профитираат врз трагедијата.

„Додека цела Македонија жали, а институциите целосно го расветлија случајот, ДПМНЕ сакаат да профитираат врз трагедија и човечките жртви. Кај ДПМНЕ и Мицкоски нема грам човечност. Имаат изопачена потреба за политизација на жртви.

Најмалку што може и што треба да направат ДПМНЕ и Левица е да излезат пред јавноста и да им се извинат на граѓаните и на припадниците на македонската полиција“, наведе владејачката партија во соопштението.