СДСМ ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од континуитетот со ВМРО

ВМРО-ДПМНЕ се повикува на континуитет во своето делување, а дел од тој континуитет е и Ванчо Михајлов како некогашен претседател на таа партија, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во одговор на новинарско прашање.
„Гледаме дека таа иста политичка партија има осуда за отворањето клубови кои го носат името Ванчо Михајлов, а од друга страна отвори Музеј во Ново Село, Штип каде Ванчо Михајлов го спомнуваат како херој и револуционер и треба да ги објасни овие различни толкувања,“ посочи Митрески и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни за новото законско решение кое е доставено до Собранието.
Според него, со предлог-измените на Законот за политички партии со кои се забранува да се користат имиња или обележја поврзани со фашизам еднаш засекогаш ќе се стави крај на намерните провокации, порача Митрески.
Социјалдемократите ги поднесоа предлог-измените вчера и тие се на иста линија како и тие што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, но за Законот за здруженија и фондации. Митрески смета дека политичките партии се исто така здруженија, но на повисоко ниво, па оттука ја виделе потребата да ги предложат измените и во Законот за политички партии.