СДСM ја нарече „забегана“ најавата за купување нов владин авион


Како скандалозна и  забегана ја оцени СДСМ најавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата за купување нов авион за владините фукцинери, додека нема пари за плати за работниците, за поголема минимална плата, ниту пак за лекови. 
 
„Власта е одлепена од реалноста. Луѓето не можат да врзат крај со крај, се мачат со секојдневните поскапувања и високи трошоци за живот, платите стагнираат, додека власта се лукзузира.  Најавата пак дека се размислувало и демек за половен авион е навреда на интелигенцијата на луѓето бидејќи станува збор за милионски бизнис зделки. СДСМ е против и ќе се спротивстави на овие расипнички и погрешни политики на ДПМНЕ“, реагираа денес од опозицијата.
 
Претходно, Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјави дека е неопходно да се набави нов државен авион, дури и половен, за службените патувања на владините функционери. Тој истакна дека постојниот авион е стар околу дваесет години, има само шест седишта и не ги задоволува актуелните потреби.
 

„Ако претендираме да бидеме сериозна држава, треба да поседуваме соодветен воздухоплов. Авионoт што моментално го користиме има само шест седишта, што го прави непрактичен за поголеми делегации. Дополнително, често се расипува. Затоа сметам дека треба да се размислува за набавка на нов авион, можеби и половен, но не постар од две-три години. Ова прашање треба да биде предмет на заеднички консензус меѓу опозицијата и власта,“ изјави Томовски во интервју за „360 Степени.“

Иако сегашниот владин авион „Лирџет 60“ е купен во 2005 година и редовно се одржува, Томовски укажува дека често се соочуваат со сериозни дефекти.

„Обично се вели дека авионите немаат старост ако редовно се одржуваат, но кај нашиот авион многу често има дефекти. Моментално е на пат за вонреден сервис во Виена поради истекување гориво од резервоарите, што е сериозен проблем. Имавме и проблеми со мерни инструменти за издувни гасови, поради што компанијата која го сервисира авионoт не дозволува летање. Тоа резултираше со ситуации како онаа кога претседателот на Собранието мораше да се враќа со редовни летови,“ посочи Томовски.

Томовски објасни дека нов авион би чинел од 30 до 40 милиони евра или повеќе, додека набавката на половен авион би изнесувала околу 15 милиони евра.

„Размислуваме за најекономично решение кое ќе ги задоволи потребите на државата, но и ќе биде соодветно за нашите финансиски можности,“ заклучи Томовски.