СДСМ: Изборите беа фер и демократски, очекуваме победа на Пендаровски


Денешните избори беа успешни, фер, слободни и демократски оценија вечерва од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

– Постигнат е цензус. Тоа покажува дека граѓаните пристапија одговорно пред одлуката за заедничката иднина. Гласот на секој граѓанин денес е јасен придонес кон таа напредна иднина. Граѓаните масовно го искористија своето  гласачко  право на мирен и достоинствен начин и го избраа петиот претседател на државата. РСМ спроведе кристално чисти фер и демократски избори како што доликува на една европска  модерна и деморкатска држава, рече на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Тој им се заблагодари на граѓаните кои, како што рече, со своето одговорно  однесување придонеле да имаме мирен и демократски изборен ден, како и на институциите кои со своите капацитети одговориле пред предизвикот изборниот ден да мине во најдобар ред.

-Стево Пендаровски е во водство и очекуваме победа. Очекуваме и останатите учесници  во изборниот процес да дадат признание за мирно спроведените демократски и слободни избори. Изборниот ден до самиов крај и по прогласувањето на резултатите да финишира во една ваква демократска атмосфера како изборниот ден. Никој да не се обидува преку лажни вести и измислици да бара алиби за евентуален непосакуван резултат на изборите. Мнозинската волја на граѓаните изразена на фер и слободни демократски избори мора да биде испочитувана од секого, рече Кирацовски кој е и шеф на изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

На прес-конференцијата на СДСМ не присуствуваа функционери на СДСМ, но според извори од партијата во седиштето се наоѓаат премиерот и лидер Зоран Заев и кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

Прес-конференцијата покрај домашни медиуми беше проследена и од неколку странски медиуми меѓу  кои  Франс-прес и Ал Џезира и грчката новинска агенција АНА МПА.