СДСМ и Заев ја откажаа целата агенда за наредните денови


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги откажа сите активности во наредните денови, а откажани се и сите настани од партиската агенда со цел да се превенира ширење на коронавирусот.

„Иако денеска беа закажани средби на претседателот Зоран Заев со неколку стопански комори, а утре и задутре беа предвидени партиски настани во повеќе граѓани, политичкото раководство на СДСМ одлучи да се откажат настаните, бидејќи нема поголема вредност од јавното здравје“, рече генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на денешата прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Николовски на прес-конференцијата ги објасни петте столба на програмата на СДСМ, за повисоки плати, развој, напредок на државата.

„По синоќешниот победнички 24. Конгрес на СДСМ излегуваме пред граѓаните со сериозна, нова програма за подобра иднина, повисоки плати, уште поголем и посилен развој и посилен напредок на државата. Предвидуваме пет столба кои носат позитивна трансформација за нашето заедничко едно општество. Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија“, рече Николовски.

Тој посочи дека на младите им нудат зелена, еколошка, дигитализирана и иновативна држава за достоен живот.

Економијата, вели Николовски, останува врвен приоритет на партијата во следниот мандат. (МИА)