СДСМ и ВМРО повторно на маса: Нови средби за пописот и законот за СЈО


По неколкумесечна пауза, на заедничка маса повторно ќе седнат тимовите на власта и на опозицијата. Работните групи на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, во текот на неделата ќе се обидат да ги доближат ставовите за пописот и новиот Закон за јавно обвинителство. Ставовите на двете страни досега беа дијаметрално спротивни, па со внимание се чека исходот од новите средби, имајќи предвид оти исклучително важно е и опозицијата да учествува во донесувањето на законите.

Премиерот Зоран Заев неодамна повика на лидерска средба за овие две прашања, како и за изборниот модел, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека со првиот човек на владата би разговарал само за предвремени парламентарни избори. Шефот на опозицијата тогаш напомена оти нема потреба да седнува со Заев за овие три теми, бидејќи работните групи комуницираат и ги изнесуваат своите забелешки.

Законот за јавно обвинителство што го предложи владата, влезе во собраниска процедура, но и пратениците ќе чекаат да видат дали ќе се дојде до компромисно решение меѓу власта и опозицијата. За да се изгласа законот, потебно е двотретинско мнозинство, односно 80 гласа, кои владеачките партии ги немаат во моментов. (Г.А.)