СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат за можните предвремени избори


ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвини дека СДСМ избегнува да побара предвремени парламентарни избори, иако со месеци тврди дека Владата ја нема довербата од граѓаните и дека опозицијата е подготвена за изборно соочување.

Од партијата велат дека СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче преку соопштенија и прес-конференции постојано зборуваат за пад на поддршката за власта и за раст на сопствениот рејтинг, но, како што наведуваат, молчат кога станува збор за конкретно барање за предвремени избори.

„СДСМ е единствената опозициска партија во историјата на политиката која не бара избори бидејќи е свесна дека ќе ги изгуби“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДСМ и Филипче се свесни оти на следните избори ќе доживеат, како што велат, „дебакл“ и ќе паднат под 100.000 гласови.

Владејачката партија повтори дека нејзиниот став е изборите да се одржат во редовниот термин во 2028 година. Сепак, додаваат дека доколку опозицијата официјално побара предвремени избори, нема да се колебаат да ги распишат и да излезат на изборно соочување. 

Од СДСМ пАк порачаа дека Мицкоски сам си нарачува избори и тоа веднаш откако тоа го направи Александар Вучиќ во Србија. 

„Христијан Мицкоски повторно ги стави изборите во оптек. Прво рече дека граѓаните не сакаат предвремени избори. Потоа рече дека ако опозицијата побара, нема да седи како кукавица, ќе прифати и ќе победи. Тоа не е став. Тоа е монтажа. Самиот си ја пишува понудата. Самиот си ја чека нарачката. Вучиќ најави избори. Веднаш и Мицкоски. Тоа не е случајност. Веќе работи по налог. Затоа веќе знае кога се изборите. Само уште нас не нѐ известил“, реагираа од СДСМ.

Од опозициската партија велат дека Мицкоски „влече тешка медиумска артилерија од Србија за да ги зајакне орбановите 40 проценти“.

„Целта е целосен медиумски мрак. Граѓаните да не знаат кога водата е отруена. Да не знаат дека нема пари. Пет недели да не знаат резултати од анализи. Да знаат само што ќе им кажат Латас и увезените емисии. А, опозицијата да ја викаат – убијци. Има апсолутна власт. Има двотретинско мнозинство. Има претседателка, влада, Собрание и мнозинство во најголем број општини. Избори закажува тој, кога сака. Не му треба ни наша согласност, ни туѓа храброст. Му треба алиби“, тврдат од СДСМ. 

Според нив причината за изборите е што касата е празна  и нема простор за ново задолжување.

„Да не каже дека касата се празни. Да не каже дека за коруптивни тендери веќе нема простор за ново задолжување. Да каже: нѐ предизвикаа. Ние само одговоривме. СДСМ нема да му го даде тоа алиби. Не бараме ние негови избори за да му го покриеме банкротот. Избори ќе закаже кога ќе снема пари. Тоа е неговиот календар, не нашиот. Веќе се јавија и тие што секогаш се јавуваат кога треба да се одигра претставата. Истиот ден по неговата реченица, дојде повик да се распушти Собранието и да се утврди датум. Практично. Брзо. Како по нарачка. Граѓаните знаат кој во оваа драма секогаш ја зема споредната улога за главната да остане чиста. Тоа не е опозициски притисок. Тоа е услуга“, велат од СДСМ асоцирајќи на ДУИ.

Порачуваат „Мицкоски нека не се крие зад кукавици, зад туѓи соопштенија и зад братот од Белград. Ако сака избори, нека ги закаже. Самиот. Со свој потпис. И нека излезе пред граѓаните со празниот буџет, со водата во Гостивар, со починатите во Скопје, со 5.000 отруени, со пиперката од 40 денари и со фрижидерот и паричникот што се празни. Па, нека објасни како сме трета економија во Европа, како платите се поголеми за 70 проценти, пензиите повисоки за 325 проценти, што ќе биде со вториот пензиски столб, со цената на нафтата, со ѓубривото, со првото место по туризам, со лидерството во авио-сообраќајот“.

Инаку, од досегашните 11 парламентарни избори во земјата, 5 беа предвремени, а 6 редовни. Се одржаа во 1990, 1994, 1998, 2002, 2006, 2008 (предвремени), 2011 (предвремени), 2014 (предвремени), 2016 (предвремени), 2020 (предвремени) и во 2024 редовни. Во период од речиси една деценија, вонредните парламентарни избори станаа зашитен знак на мандатите на Никола Груевски, кој на две или три години го ставаше на проверка изборниот легитимитет. По падот на Груевски, од 2016 година земјата имала 6 премиери вклучувајќи ги и „техничките“.

Од 1990 до 2024 година се одржаа и три национални рефрендуми, 11 парламантарни избори, 8 локални избори и 7 претседателски. Ако се собере бројот на овие гласања, произлегува дека граѓаните, во просек, излегувале пред гласачките кутии во периоди покуси од две години.

Доколку изборите се одржат во редовниот термин тоа би значело техничка влада на крајот на 2027 или во почетокот на 2028 година, и парламентарни избори во април/мај 2028 година.