СДСМ и коалицијата АА/А го прекорија Пендаровски за оценките за 27 април


По вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека тие што упаднаа во парламентот на 27 април не биле терористи и дека затворските казни биле превисоки, денеска и СДСМ и коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива упатија прекор кон овие оценки. СДСМ преку пратеничката Даниела Маркоска го повтори познатиот став на партијата дека тоа бил напад врз уставниот поредок.

„Она што се случи на 27ми април беше рушење на уставниот поредок, сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека беше напад на домот на демократијата и за тоа си следеше судска постапка каде веќе делото е завршено и судот е оној којшто треба да одлучи дали станува збор за тероризам, насилство“, рече Маркоска одговарајќи на новинарско прашање.

Коалицијата АА/А беше уште поостра: „Неприфатливо е кога Вие како претседател станувате дел од дебата за помилување на терористите од 27 април, преквалификација на делото или слични игри како тие што ги видовме кога се амнестираа еден дел од нив. Секаква преквалификација на делото на сторителите ќе биде сфатено како преквалификација на нашата борба против тогашниот режим против кој се боревме сите“, соопштија од коалицијата.

Тие уште му забалежуваат на Пендаровски дека молчел „за монтираните случаи, особено кон Албанците, особено кога беше убиено дете како Алмир и кога еден криминалец како Бобан Илиќ беше пуштен на слобода“.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги соопштија познатите ставови од последно време дека „кога можеше да се повтори судењето за случајот ‘Монструм’ во кој свирепо беа убиени 5 лица, зошто да не се повтори и судењето на овој случај“. На повтореното судење за „Монструм“ главните виновници повторно ја добија истата пресуда. Од главната опозициска партија рекоа дека „новата вистина е дека осудените сигурно не се терористи“. (Н.В.)