СДСМ и Движењето Беса договорија предизборна коалиција

Зајакнување на меѓуетничките вредности, рамноправен развој на целата територија на државата, давање еднаква можност на секој поединец, борба против криминалот и корупцијата на сите нивоа на власт и реформи во судството, се дел од принципите во Декларацијата за предизборна коалиција меѓу СДСМ и Движењето Беса која денес во Скопје ја потпишаа лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на Беса, Биљал Касами.

„Денес моно етничкиот концепт, кога партиите се обраќаат само на своите или само на својот етнички кампус е поразен. Во семејството на полноправни членки на НАТО и ЕУ не се влегува со декларативни заложби за единство туку со дела и визија за сигурна иднина“, рече по потпишување на декларацијата Заев.

Тој додаде дека на изборите во 2016 година СДСМ беше првата македонска партија која привлече десетици илјади албански гласови. Но, како што нагласи, денешниот чин е посебен.

„Ова е нов историски момент за демократијата и за плурализмот. Со овој наш заеднички чекор мултиетничкиот карактер на Северна Македонија го пресликуваме во конкретна програмска и кадровска понуда. Нашата визија е економски силна и стабилна држава, праведна земја членка на НАТО И ЕУ“, рече Заев и додаде дека целта е општество кое се крепи на еднаквост, праведност и правичност и држава во која има шанса за сите.