СДСМ и ДУИ победија со Пендаровски
Стево Пендаровски е петтиот претседател на Македонија. Тој извојува победа со околу 60 илјади гласа предност пред кандидатката на опозицијата, во вториот круг од шестите претседателски избори. Зголемената мобилизација на гласачкото тело им обезбеди на двете владејачки партии – СДСМ и ДУИ постигнување на цензусот од над 44 проценти и многу поголемо водство пред ВМРО-ДПМНЕ во споредба со гласањето пред две недели.
Се очекува наскоро Пендаровски да ја преземе претседателската функција, откако Државната изборна комисија ќе ги објави конечните резултати од вчерашното гласање, по што треба да биде закажана инаугуративна седница во Собранието. Околу 22 часот, Пендаровски прогласи победа, но остана неизвесно дали опозицијата ќе ги признае изборните резултати. Откако во 2014 година ја изгуби битката од претседателот во заминување Ѓорге Иванов, Пендаровски, во вториот обид, обезбеди триумф како кандидат на владејачката коалиција. Според првичните резултати од ДИК, врз основа на 95 проценти од вкупниот број гласови, Пендаровски оствари околу 407 илјади гласа.
Во одлучувачкиот круг, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, со освоени околу 347 илјади заостана позначително зад Пендаровски, во споредба со првиот круг на 21 мај, кога разликата меѓу нив беше сведена на само нешто повеќе од четири илјади (322.581 спрема 318.341 гласа), додека третиот кандидат Блерим Река освои близу 80 илјади гласа.
И покрај поразот на национално ниво, ВМРО-ДПМНЕ оствари одредена предност пред СДСМ во неколку поголеми општини во државата, како Прилеп, Штип, Охрид, Велес, Кочани, Кавадарци… СДСМ и ДУИ, пак, забележаа убедливо водство во Струга, Куманово, Тетово, Гостивар, Струмица, Кичево, додека во Битола до последно се водеше мртва трка.
Во скопските општини речиси и да нема промена во распоредот на силите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во споредба со резултатите од првиот круг. Опозицијата и овој пат победи во Аеродром, Бутел и во Ѓорче Петров, а особено е убедлива нејзината предност во Кисела Вода и во Гази Баба. Од друга страна, СДСМ оствари победа во Карпош и уште поубедливо водство во Центар, а најспецифична е ситуацијата во Чаир, каде што Пендаровски освои околу 12 илјади гласови повеќе од Силјановска.
До 18.30 часот беше регистриран одѕив од 44,55 проценти наспроти околу 42 отсто до крајот на изборниот ден на 21 април. Со тоа е исполнет условот за овие избори да бидат прогласени за успешни, иако поминаа во атмосфера на најмала регрутација на гласачкото тело досега, а со тоа и во голема неизвесност за тоа дали ќе биде постигнат цензусот. Првата оценка на СДСМ беше дека изборите се успешни, слободни, фер и демократски, со постигнат цензус.
– Северна Македонија спроведе кристално чисти и демократски избори како што доликува на модерна европска демократска држава – рече генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.
По објавувањето на првичните резултати, пред централата на СДСМ почнаа да се собираат партиски поддржувачи.
Изборните резултати исто така покажаа дека опозицијата се вклучила активно во вториот изборен круг, наспроти стравувањата за тивок бојкот на членството на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, уште во текот на денот од ВМРО-ДПМНЕ стигнуваа тврдења за наводни нерегуларности и обвинувања дека полицијата се злоупотребува во изборни цели.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, изјави дека неговата партија, за разлика од првиот круг, се сомнева за изборен инженеринг.
– Сè освен победа на професорката Силјановска, е изборен фалсификат – рече Јанушев. Според него, забележано е организирано гласање, семејно гласање, поткуп, злоупотреба на полицијата.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, сепак, пред затворањето на избирачките кутии оцени дека изборите поминале добро, мирно, достоинствено и без поголеми нерегуларности.
– На избирачките места досега не се пријавени нерегуларности, а за околината се надлежни други органи и доколку има тоа треба да се пријави – рече Деркоски.
Петар Богоевски од реформаторското крило во ВМРО-ДПМНЕ, пак, по веста дека е постигнат цензусот, објави дека е избегната политичка криза, која ѝ се закануваше на нашата држава.
– Избран е претседател и тоа е најважно! Кој од двајцата кандидати ќе биде официјализиран е само фолклор… Честитки на сите граѓани, кои покажавме политичка зрелост и државнички капацитет – нагласи Богоевски.
Собранискиот спикер Талат Џафери им честиташе на граѓаните за цензусот, забележувајќи дека ја сфатиле пораката што тоа значи за земјата. Според него, не е време за предвремени парламентарни избори и важно е да се добие датум за преговори.
– Од новиот претседател очекувам да ги исполнува уставните обврски, без разлика на лична перцепција – вели тој за Сител.
Крива Паланка и вчера, според податоците од гласањето до 18.30 часот, ја задржа првата позиција според излезеноста на граѓаните. Таму на гласање излегле 70,49 проценти, а висок е одѕивот и во Гевгелија – 66,17 проценти, Битола – 53,26, Вевчани – 65,23, Демир Хисар- 67,12, Дојран – 65,2 проценти, Кавадарци 61,15, Карпош 55,91, Крушево 66,97, Македонски Брод 66,87 проценти… Најнизок е одѕивот во општина Желино – 15,42 проценка, а ниска е излезеноста и во Центар Жупа – 17,43 проценти, Гостивар, Липково и Теарце со по околу 23 проценти, по што следат Шуто Оризари со 26,91 и Арачиново со 30,65 проценти.
Резултатите што првично пристигнуваа во ДИК покажаа убедлива предност на Пендаровски пред Силјановска – на почеток од два спрема еден, а на моменти разликата беше и три спрема еден. Главно стануваше збор за резултати од општини со мешан етнички состав, за потоа разликата да почне да се намалува кога почнаа да доаѓаат гласовите од Истокот на државата. Сепак, Пендаровски го заврши одлучувачкиот круг со предност од околу 60.000 гласа, при што во однос на првиот круг добил 106.000 гласа повеќе.
Интересен е податокот дека во неколку општини каде што во првиот круг водеше кандидатот Река, како Тетово и Гостивар, сега имаше малку помал одѕив отколку на 21 април. Затоа, пак, во општини каде што тогаш Пендаровски беше во водство пред Река, како Чаир или Сарај, одѕивот овој пат беше воочливо повисок, што може да биде показател за поголема мобилизација на гласачкото тело на ДУИ, наспроти гласачите на опозицијата од албанскиот блок, која остана неутрална пред вториот круг. (А.М.М.)