СДСМ и ДУИ надгласани во комисијата за избори и именувања


Фото: Б. Грданоски
Веќе речиси два часа не може да почне расправа по точките од дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања.
Барањата на членовите на пратеничката група на СДСМ да се прескокнат дел од точките што се однесуваат на пополнување на собраниските комисии и да се премине на точките за утврдување на кандидати за раководни позиции во неколку институции, меѓу кои и МРТ и АВМУ, се отфрлаат од опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на кои денеска им се придружи Фадил Зендели од Беса.
Тој досега во повеќе наврати ги поддржуваше кадровските решенија на мнозинството во оваа комисија, но овој пат се приклони кон ВМРО ДПМНЕ. Со тоа опозицијата сега има мнозинство во Комисијата преку која одат именувањата на функционери што се во надлежност до парламентот.
Оваа комисија често е блокирана затоа што мнозинството во почетокот на овој парламентарен состав го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ на чело на ова тело да биде опозицискиот пратеник Илија Димовски.
На денешниот заплет во Комисијата му претходеше средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со претседателот на Беса, Касами. (А.М.М.)