СДСМ и ДУИ ќе договараат заменик-министри


 

Веста за огласот за вработување на советник на дополнителен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство само за кратко време подгреа сомневања дека и владејачката гарнитура можеби почнала да подготвува терен за предвремени избори, на што посебно инсистира опозицијата по избувнувањето на аферата „Рекет“.

Од Министерството за земјоделство вчера информираа дека поради техничка грешка и превид во работната позиција е поништен огласот со кој се бара советник за дополнителниот заменик-министер – времена функција што за овој ресор е предвидена само во период од 100 дена пред парламентарни избори, согласно со концептот на пржинската влада. Според тоа, овој владин ресор уште извесно време ќе биде и без дополнителен заменик-министер – позиции какви што се предвидени за опозицијата во ресорите труд и финансии и информатичко општество и администрација. Владејачките партии, пак, според решението за техничка влада, ќе имаат дополнителни заменици со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика – каде што сто дена пред избори министри треба да предложи опозицијата.

Затоа, пак, дел од владините ресори во наредниот период, според владини извори, ќе добијат нови заменик-министри од редовите на владејачката коалиција. Тоа е во рамки на реконструкцијата на извршната власт која во изминатиот период резултираше со смена на неколку министри, како и на повеќе функционери во третиот ешалон, односно директори и раководители на државни и јавни институции. За таа цел, според наши информации, кон крајот на оваа недела предвидени се разговори меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, а не се исклучува и директна средба на лидерите на двете партии, Зоран Заев и Али Ахмети.

Нашите извори велат дека во текот на разговорите меѓу коалициските партнери не е исклучено да се отвори и прашањето за нов министер за финансии. Оваа функција веќе речиси два месеци технички ја извршува премиерот Заев, кој за таа цел доби посебни овластувања од Владата, откако Антикорупциската комисија го предупреди дека ќе предизвика судир на интереси доколку и формално биде избран за министер.

Според неофицијални информации, премиерот Заев, во изминатиот период, еднаш до два пати седмично одел во Министерството за финансии за да потпишува одлуки и решенија, додека тековните работи во овој ресор главно ги координира заменик-министерката од редовите на ДУИ, Ширет Елези. Таа деновиве најави ребаланс на буџетот до октомври, што се посочува како една од причините поради кои се отвора повторно темата за избор на нов министер за финансии, откако таа функција, практично, остана празна по разрешувањето на Драган Тевдовски. Втората причина е тоа што на почетокот на есента веќе треба да почне да се подготвува буџетот за следната година, која ќе биде изборна.

Всушност, впечаток е дека темата за нов министер или министерка за финансии повеќе ја форсира ДУИ, поради старите амбиции на оваа партија да го преземе гувернерското место во Народна банка, за каде што беше планиран поранешниот министер Фатмир Бесими. Во тој контекст имаше шпекулации за можен трансфер на гувернерката Анита Бежовска на челната позиција во Министерството за финансии. Сепак, шансите за такво сценарио засега се чинат мали. Наспроти тоа, владини извори велат дека не е планирана смена на врвот на НБРМ. За изборот на нов министер за финансии, пак, информациите се дека таа одлука е можно да се пролонгира уште некое време, за разлика од „проветрувањето“ во вториот ешалон на власта кое е планирано да се спроведе до почетокот на есента.

Како што посочуваат наши соговорници, приоритетно е да се пополни заменик-министерското место во образование, каде што би дошол кадар на СДСМ, по оставката што Петар Атанасов ја поднесе кога беше објавен списокот за смена на министри во кабинетот на Заев. На коалицијата на СДСМ треба да ѝ припадне и заменичкото место во новото Министерство за политички систем, каде што за министер беше ротиран Садула Дураки од ДУИ, кој потоа беше унапреден и во вицепремиер.

Како што неофицијално се најавува, можна е смена и на заменик-министерското место во економија, што исто така го има СДСМ. Наводно, актуелниот заменик-министер во овој ресор Кире Наумов се подготвува за директор на Развојната банка на Северна Македонија. Оваа позиција беше празна по разрешувањето на Кирил Колемишевски, така што времено – до назначување на нов извршен и оперативен директор овие позиции ги преземаа поранешниот министер за финансии Никола Поповски и Вељанд Рамадани, како членови на Надзорниот одбор на банката. Во меѓувреме, Колемишевски беше поставен за претседател на Комисијата за економија на СДСМ, а информациите се дека и за него се подготвува нова функција во извршната власт. Покрај овие смени во вториот ешалон, владини извори не исклучуваат смена на уште неколку заменик-министри, со што може да бидат опфатени и кадри на ДУИ. (А.М.М.)

 

СДСМ ќе добие старо-нови потпретседатели

Во текот на оваа седмица планирана е нова седница на Централниот одбор на владејачкиот СДСМ. Не е исклучено ова партиско тело да заседава уште денеска, при што најавите се дека ќе се разгледува актуелната политичка ситуација во светло на скандалот „Рекет“, за што имаше информации за можна поврзаност и на функционери од владејачката партија.

Според неофицијални информации, се очекува да бидат избрани и нови потпретседатели на партијата, по оставките што во екот на „метлата“ ги поднесоа Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Мухамед Зекири, Дамјан Манчевски и Петре Шилегов. Очекувањата се дека Спасовски, Зекири и Манчевски ќе се вратат на потпретседателските места, а како ново потпретседателско име се спомнува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.