СДСМ и ДУИ договараат влада со чесни кадри

Фото: Б. Грданоски

По утврдувањето на коалициските принципи и определби на евентуалната идна заедничка влада, СДСМ и ДУИ вчера работеа на усогласување на победничките изборни програми и распределба на одговорностите според ресори на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната влада.

Од СДСМ соопштија дека во разговорите  во целост се посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите. Информираа дека во однос на  распределбата на одговорностите според ресори се постигнати добар напредок и начелни согласности.

-Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат. Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите, истакнуваат од владејачката партија.

ДУИ пак преку соопштение ја повика албанската опозиција да не им наштетуваат на преговорите со СДСМ и, како што нагласуваат, да си го признаат поразот од 15 јули. Според нив опозицијата со недоаѓањето на повикот на Али Ахмети на „тркалезната маса“ на албанските партии, тие се обиделе да го дефокусираат поразот и неуспехот, а со тоа да ја избегнат одговорноста пред нивните гласачи.

-Тие го гледаат своето преживување на политичката сцена преку обиди за неуспешност на Албанците со тоа што стојат на ред на шалтерите на СДСМ и ВМРО и уништувајќи ги преговарачките позиции на победникот и легитимниот претставник на Албанците. Не претворајте го вашиот неуспех во неуспех на Албанците затоа што Албанците нема да ви простат и да го заборават ова недостоинствено однесување, истакнуваат од ДУИ.

Од Демократската унија на Албанците велат дека таетралното однесување на албанската опозиција не е во интерес на Албанците и дека откако првенствено прогласија победа го оспорија процесот, потоа организираа протести па продолжија со заеднички и посебни состаноци со СДСМ и ВМРО, велејќи дека ќе биле во Владата и ќе побарале срамно „купување“ на пратеници.

-Ослободете ја узурпираната албанска опозициска сцена и не претворајте го вашиот партиски неуспех во национален неуспех, туку отворете го патот за нови луѓе кои ќе водат здраво обединување на опозицијата во корист на сите, се наведува во соопштението на ДУИ до албанската опозиција во земјава.

Двете партии ги почнаа преговорите веднаш по конститутивната седница на Парламентот на 4 август, се одржаа неколку средби меѓу Заев и Ахмети. Консултации двете партии имаа и во четвртокот минатата недела, откако претходно истиот ден, шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тричасовна средба на Заев со Ахмети тогаш, во заедничко соопштение, беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.

ДУИ од своја страна соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа, изразувајќи уверување дека ќе дојдат до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.