СДСМ го прашува Мицкоски за кои туѓи интереси одработува


Откако во саботата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави оти имал „информации дека овој викенд во Софија се распарчува Македонија“, СДСМ денеска го праша за кои туѓи интереси одработува Христијан Мицкоски.

„Со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период?

Христијан Мицкоски има должност да излезе пред граѓаните и да каже кој му ја дал оваа информација? Дали лично му се јавија на Мицкоски или преку посредници?

Ако знаел дека се спрема нешто опасно по државата зошто не пријавил во надлежни институции? Еве го викендот. Ниту се распарчивме ниту имало официјални претставници во Софија.

Клучното пршање е за кого одработува Христијан Мицкоски? За чии странски интереси, за кои центри?“, изјави партискиот портпарол Костадин Костадинов.

Тој рече дека „масовно и оркестрирано се шират невистини, се пласираат лажни вести, се поттикнуваат конфликти, нетолеранција и поделби меѓу граѓаните. Слично како и потпишувањето со Преспанскиот договор. И тогаш се ширеа лаги дека толку со македонскиот идентитет за да се покаже сосема спротивното, дека е потврден и признаен.

За македонскиот идентитет не се разговара и не може да се разговара ниту ќе разговара“, рече Костадинов.

Според него, нема потреба и нема да се случи ниту нов договор, ниту анекс. „Хистеријата што ја шири самопрогласениот хистеричен политичар Христијан Мицкоски е исклучиво во функција на штета на сопствената држава и сопствениот народ во еден период коишто е многу важен за нашата заедничка иднина“, нагласи Костадин Костадинов.