СДСМ го повикува обвинителот Савески да се зафати со случајот на Алта банка


Ненад Савески (Фото: Б. Грданоски)

 

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција го повика обвинителот Савески веднаш да постапи по поднесените кривични пријави од СДСМ, за Алта банка, да преземе мерки на претпазливост вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на гувернерот на Народната банка, Славески. Фрчкоски укажа дека по избивањето на скандалот јавноста гледа панични обиди на премиерот Мицкоски да ја заштити банката на Вучиќ и да го заташка случајот.

„Савески треба да преземе мерки на претпазливост, вклучително привремена забрана за вршење на должноста на Трајко Славески. Да се спречи влијание врз сведоците, уништување на документацијата и доказите. Славески јавно призна дека одлуката за Алта бака ја донел во консултации со Мицкоски“, рече Фрчкоски.

Фрчкоски нагласи дека постојат основани сомнежи за несовесно работење и злоупотреба на службената положба и овластување при одобрувањето на преземањето на банката и спроведувањето на надзорот.

Тој додаде дека Обвинителството мора да постапува независно, без политички влијанија и притисоци од власта, и дека  Мицкоски го копира моделот на Вучиќ, и врши притисок на Обвинителството.