СДСМ го повика ВМРО-ДПМНЕ да ги достави информациите за таен имот на ДКСК


Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок,  да ги достават до  ДКСК за понатамошно постапување, одговорија од СДСМ на обвинувањата на најголемата опозициска партија која денеска ја објави т.н. афера „Тајни имоти“.

 

Од опозицијата тврдат дека 123 функционери од редовите на СДСМ и ДУИ не пополниле целосни анкетни листови со што сокриле имот од 30 милиони евра.Од СДСМ велат дека ВМРО-ДППМНЕ се тие што краделе граѓани и трупале имот, потсетувајќи на судската пресуда за Талир 2, која се однесува на незаконски стекнатата бела зграда што е седиште на партијата, но и на имотите на поранешниот премиер кој избега во Будимпешта, Никола Груевски.

„Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека си погледне во своите редови и својот дворец“, велат од СДСМ.

За опозицијата  ДКСК, односно Антикорупциската комисија е дел од проблемот, бидејќи сметаат дека не реагира.

„И самата претседателка на Антикорупциска во повеќе наврати призна дека постојат  функционери кои имаат имот што не е на нивно име. И пос половина година за тоа реакција нема“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Тие дадоа рок од 24 часа за институциите да реагираат. Во спротивно велат дека ќе ги објавуваат имињата и имотите на оние за кои утврдиле дека се дел до аферата.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ имаат информации нека поднесат пријави до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и ние ќе постапиме“, порача претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, во разговор за „360 степени“.

„Ќе видиме за што станува збор. Надлежноста на ДКСК е да изврши проверка на анкетните листови, дали тие ги содржат сите податоци кои ги потврдуваме со прибирање и споредба на информации од надлежни институции, како што се Агенцијата за катастар, МВР, УЈП итн. Проверуваме дали тоа што е пријавено соодветствува со тоа што го имаат регистрирано институциите“, вели Ивановска.

Во случајот со аферата за која обвинува ВМРО-ДПМНЕ, објаснува Ивановска, доколку има такви лица, она што може ДКСК да го направи е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.Но, во случај да имаат имот кој не е заведен на нивно име во Катастар, тогаш тука има проблем.

„Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“,вели претседателката на ДКСК.

Покрај законот за потекло имот, од голема помош за Антикорупциска, нагласува таа, ќе биде и ставањето во функција на софтверот кој ќе значи поврзување на сите институции. Со него, пратениците електронски ќе пополнуваат анкетни листови и истите во реално време ќе може да се споредат дали ги содржат сите податоци за нивните имоти или не.