СДСМ го потврди Стево Пендаровски како кандидат за претседател на државата

Ковачевски: Пендаровски покажа што значи да се биде претседател, во неговиот втор мандат членство во ЕУ


Фото: Б. Грданоски

 

Делегатите на 27. Конгрес на СДСМ вечерва го потврдија Стево Пендаровски како кандидат за претседател на државата на претстојните избори. Како што известија од конгресот медиумите, ЗА гласаа  706 делегати. Претходно, во текот на денот Пендаровски за неколку часа собра двојно повеќе од потребните 10.000 потписи за потврда на неговата кандидатура.

„Очекувам двојна победа. Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив, порача актуелниот претседател Стево Пендаровски, откако вечерва на 27. Конгрес на СДСМ доби поддршка за нов претседателски мандат. 

Во обраќањето на Конгресот, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека вечерва не се носи само формална одлука за изборот за претседателски кандидат, исто како што за две недели од сега, нема да се носи формална одлука за парламентарните кандидати и програма.

Фото: Б. Грданоски

„Ние вечер носиме крупна одлука, да продолжиме по зацртаниот пат, по автопатот на прогресот, по стратешките цели на Партијата и државата. Носиме одлука на кој начин, со кого, ќе се бориме, сите заедно, за да државата остане стабилна, одржлива, прогресивна“, рече Ковачевски.

Тој од делегатите на 27. Конгрес вечерва побара поддршка за кандидатурата за втор претседателски мандат на Стево Пендаровски. 

Ковачевски порача дека Пендаровски има јасна визија за просперитет на државата и за нејзина интеграција во Европската унија.

„Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ“, рече Ковачевски. 

Фото: Б. Грданоски

Истакна дека денеска собрани се над 20.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за претстојните избори и оцени дека ги демантирале сите критичари и скептици кои сметаат дека СДСМ не е најдобрата опција за државата. 

„На овој начин најдобро се потврди она што го говорам две години, дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е СДСМ“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека социјалдемократијата е повеќе од идеологија, таа е единствен начин како општеството и државата да се подобрат и да обезбедат прогрес и просперитет.

„Социјалдемократските политики беа оние кои помогнаа земјата да се справи со сите предизвици кои ги донесоа овие кризи. Социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс. Солидарноста, еднаквоста и хуманоста, социјалната држава и правда се оние кои помогнаа да се извлечеме од хаосот кои го носеа кризите, и овозможија да одиме напред и да постигнеме одлични резултати, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на 27 Конгрес на СДСМ.

По неговото обраќање  следуваше работен, затворен дел, по што се обрати и кандидатот за претседател на државата.

Во обраќањето Пендаровски рече дека прв пат во еден ваков формат со членовите на коалицијата имал учествувано во 2011 година на Скопски саем и тогаш имало речиси илјада луѓе.

„Имаше огромна енергија. По мое скромно уверување, тогаш практично беше формирана коалицијата која подоцна му зеде ‘мерка’ на Груевски на избори“, рече Пендаровски.

Тој рече дека историјата на соработка е долга потсетувајќи на досегашното учество на изборите и нагласи дека е уверен дека таа енергија која преовладуваше може да се повтори и на овие избори. Се осврна и на анкетите кои ги презентира ВМРО-ДПМНЕ кои ги оцени дека се лажни и оти вистинските покажуваат дека СДСМ и Пендаровски ќе ги добијат претстојните и парламентарни и претседателски избори.

„Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време се променети“, рече Пендаровски. 

ВМРО-ДПМНЕ, оцени, нема став за стратешките прашања на државата. 

„Кој е нивниот предлог за преговарачката рамка? Велат ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на валст. Со таков пристап не можете и не смеете да бидете претседател на месна заедница. Тоа се луѓе кои не се извинија за најголемиот срам во историјата на Македонија – 27 април“, рече Пендаровски.   

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја направиле најголемата стратрешка грешка во историјата бидејќи за време на пописот активно работеа на бојкот, а резулататот, посочи, е што 130 00 етнички Македонци ги послушаа и не се попишаа. 

Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10.000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани  за неполни пет часа.  

Фото: Б. Грданоски

Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година. Првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.  И на овие избори Силјановска Давкова е негов противкандидат. И таа денеска обезбеди 10 000 потписи од граѓаните за кандидатурата, а ВМРО-ДПМНЕ и ја официјализираше поддршката вчера на конвенција. 

Фото: Б. Грданоски

Потписи за влез во трката за претседател на државата досега обезбедија уште пет кандидати: лидерот на „ЗНАМ“  Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица и Арбен Таравари од коалицијата на здружената албанска опозиција „Вреди“.