СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека ја кочи изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка
Главен виновник за забавувањето на изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка СДСМ го гледа во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Социјалдемократите обвинуваат дека за овој сегмент од патот од Куманово до бугарска граница, кој сѐ уште не е новоизграден или реконструиран ВМРО-ДПМНЕ одбива да го стави законот на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет и со тоа запира и грант од 14 милиони евра од Светска банка за довршување на патот.
„Свесни за фактот дека сите процедури за добивањето на заемот се поминати во рамки на организациските тела на Светска банка, ДПМНЕ повторно се служи со неприфатливи алатки кои носат штета на граѓаните, економијата, државата.
Со неносењето на овој закон се прави штета по буџетот на државата која ќе падне на грбот на граѓаните и даночните обврзници, кои ќе мора да плаќаат пенали поради неисполнување на обврските од договорот со Светска банка“, вели во соопштението СДСМ.