СДСМ го обвинува Мицкоски за рaботењето додека бил директор на ЕЛЕМ


Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска претстави документи, според кои, наводно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, расипнички се однесувал во времето додека бил директор на ЕЛЕМ. Според партијата, Мицкоски склучил договор за адвокатски и советодавни услуги со Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ, за 1.600.000 денари кој се однесувал за период од две години. Костадинов тврдеше дека пет месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучил нов договор со Тошковски за адвокатски услуги, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги.

Панче Тошковски беше дел од преговарачкиот тим  на опозицијата за Законот за Јавно обвинителство, а многу често во јавните дебати беше жесток бранител на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Веднаш потоа со своја изјава се јави адвокатотот Тошковски, кој ги отфрли наводите тврдејќи дека тие биле „лош појас за спасување“ на СДСМ. „Вистината е дека се работи за склучени потполно два различни договори, по отворена транспарентна постапка, и кога почнува вториот договор, се раскинува првиот договор“. Тошковски тврди дека работел според тој договор и кога Заев бил премиер.