СДСМ го нарече Мицкоски „последен претставник на црвената буржоазија“

Обвинувајќи го ВМРО-ДПМНЕ дека води хајка против изградбата на коридорите 8 и 10д, СДСМ, го нарече Христијан Мицкоски како „последен претставник на црвената буржоазија“.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски под заложништво на проруската Левица водат хајка против стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10д и против реномирана американска компанија.
Изградбата на коридорите 8 и 10Д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, вреден 1,3 милијарди евра. 600 милиони евра од овие пари ќе завршат кај наши домашни компании.
Гледаме дека со невистини и спинови Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ застанаа против реализација на овој проект важен за развојот на земјата.
Мицкоски не знае што е ниту градежништво ниту градба, тој е последен претставник на црвената буржоазија.
Мицкоски кариерата ја започнал кај својот татко на факултет, каде бил асистент токму кај својот родител, а потоа таму бил и вработен.
Ништо сам во животот нема направено. Една шајка во животот нема заковано, освен онаа лажната во рекламен спот во 2020 година кога и ги загуби изборите“, рече Миле Талевски од СДСМ.
Од владејачката партија велат дека Мицкоски бил последен што може да зборува за проекти, за градење и градежништво, затоа што во општините во Скопје што ги води ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден од најавените проекти.