СДСМ го нарече Мицкоски лицемер кој нема граници

Опозициската СДСМ реагира на последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски поврзани со трагедијата во Кочани и револтот на родителите на загинатите.
„Мицкоски е невиден лицемер, навечер ги навредува родителите, нарекувајќи ги политичка партија, а наутро вели ‘заедно сме’.
Врв на ароганција и дволичност тоа што Мицкоски ја демонстрира не само кон родителите во Кочани, туку и кон сите граѓани кои се сè уште во шок по трагедијата што ја зави Македонија во црно.
На партиски митинг, навечер, од петни жили ги етикетира родителите како партиски инструменти. Веќе следното утро, се обидува да ги правда со празни фрази и декларативна ‘поддршка’. Очигледно, Мицкоски е изгубен во сопствената реторика — без компас, без стабилност, во постојана внатрешна криза. Кога виде дека со закани не постигнува ништо, премина на манипулација и барање разбирање. Дели лажни ветувања надевајќи се дека ќе го амортизира гневот на народот“, вели СДСМ во соопштението.
СДСМ вели дека односот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон трагедијата и семејствата на загинатите е „срам за секој што се нарекува лидер. Не поддржа закон за финансиска помош. Не понуди елементарни услови за лекување. Ги заштити од прогон сите негови партиски функционери. Не најде сила да ги погледне луѓето во очи и да се соочи со реалноста пред Собранието. Со еден збор — кукавица.
Од луѓе како Мицкоски, кои немаат грам емпатија дури ни во вакви тешки моменти, Македонија не може да очекува ништо добро“, се вели во соопштението.
На одделна прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави: „Нема правда за Кочани, власта не е испорачува никаква правда туку заштита за своите. Дел од заштитените кои биле началници во исто време гледаме дека биле и дел од изборниот штаб на ВМОР-ДПМНЕ. Сите оние други коишто биле инволвирани се под заштита на Мицкоски. Тоа не е правда, тоа е неправда. Селективни апсења и жртвени јагниња не се правда“.