СДСМ ги осуди свирежите за македонскиот јазик на „Скендербег“


СДСМ ги осуди свирежите на „мировниот фестивал “ на плоштадот Скендербег додека водителката се обраќаше на македонски јазик порачуивајќи дека вакви провокации имало секогаш и дека тоа нема да ги одврати од концептот „едно општество за сите“.

-Ваквите провокации  од поединци се случуваа за жал многу често во минатото, се случуваат и сега. Разликата е во тоа што во минатото таквите провокации беа иницирани, поддржани и мотивирани од власта, сега сликата е поинаква.

Ние како влада го креиравме и концептот едно општество за сите каде заедништвото и различностите се почитуваат и тоа придонесува за развој на нашето општество. Ги повикуваме сите поединци што шират вакви провокации и не и мислат добро на нашата држава да престанат, бидејќи нема да не демотивираат, туку повеќе ќе не мотивираат да се бориме за концептот едно општество, сите да заеднички го развиваме и да бидеме дел од прогресот на државата.

Ги осудуваме сите оние кои на ваков начин на провокации ќе се обидат да предизвикаат штета на македонски јазик или било кој друг јазик во нашата држава или било кој друг етникум, затоа што овие провокации нема да донесат ништо добро во нашето општество. Затоа продолжуваме во насока да ги подобруваме односите во државата и концептот едно општество за сите и понатаму ќе функционира во насока за развој на нашата држава„, порачаа од СДСМ.

Од ДУИ, како организатор на настанот се уште владее молк иако тие се најповикани. Утрово опозициската партија ГРОМ го повика вицепремиерот Артан Груби да и се извини на македонската јавност и некој да преземе одговорност за тоа што се случи. 

„Артан Груби до пладне да ѝ се извини на македонската јавност за исвиркувањето на македонскиот јазик на прославата што ја организираше со народни пари“, порача Љупчо Пренџов пратеник од коалицијата „За обнова на Македонија“. Тој додаде дека очекува комплетна информација за тоа кој свиркал, зошто свиркал и кој ги потткнал да го прават тоа.

– Во оваа држава даноци плаќаат и Македонци и Албанци, но и Турци, Власи, Роми, Срби… Кога настани организирани со народни пари (од сите) кога ќе завршат на начин како овој деновиве, несомнено мора некој да сноси морална политичка одговорност. Ајде Артане покажи ги твоите ЕУ вредности со тоа што ќе поднесеш оставка и ќе дадеш пример на твоите другарчиња од прославата што ти ја организираше, дека такви девијантни појави не смеат да се случуваат во “едно општество за сите”, напиша Пренџов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за Дојче Веле коментира дека ова е голем срам за власта.

„Се работи за настан платен со владини, односно државни пари. На тој настан се исвиркува македонскиот јазик, истиот тој кој Владата евтино го распродава и во преговорите со Бугарија. За вакво ли развеселување мислеше министерката за култура, кога го правдаше трошењето народни пари за вакви партиски прослави. Срамот е голем што од Владата отсуствува секаква реакција. Со национализам политика не се тера. Ова само ја покажува поделеноста на општеството и постоењето на два паралелни света. Таквите бариери се градени од политичките елити на власта за полесно да може да ги остваруваат личните интереси поврзани со бизнис мотиви, додека граѓаните Македонци и Албанци тонат во вештачката омраза која е подгревана од политичарите на кои тоа им одговара“, вели Мицкоски, нормално не гледајќи се себеси во таа слика, иако беше директен учесник во протестите што испровоцираа гнев токму на Скендербег плоштадот.