СДСМ: Експресниот пат Страцин-Крива Паланка беше завршен 90 отсто до минатото лето
СДСМ го поздравува завршувањето на експресниот пат Страцин-Крива Паланка и нагласува дека тој проект беше започнат од претходната влада во 2018 и беше реализиран 90 проценти до средината на минатото лето.
„Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината.
Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година. За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО-ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат.
Но, како и да е, денес зборуваме за завршен патен правец и граѓаните од утре ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ“, рече денеска пратеникот Благој Бочварски.
Вкупната должина на експресниот пат е 25,5 километри. Целиот проект е вреден 94 милиони евра, финансиран преку средства од Светска банка и грантови како дел од Коридорот 8.
Поранешниот министер за транспорт нагласи дека СДСМ инвестирал многу во инфраструктурата во северноистичниот дел на земјата и ги наведе реконструкцијата на патот Куманово – Страцин, целосна реконструкција и проширување на патот Крива Паланка – Деве Баир, Куманово – Свети Николе како и изградба и реконструкција на мостови како и многу патни правци кон руралните средини.
Од ВМРО-ДПМНЕ кусо одговорија со соопштение дека она што на СДСМ не им успеало за седум години сегашната влада го направила за шест месеци.