СДСМ е за избори веднаш штом се стабилизира епидемијата

На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции, изјави денес на прес-конференција генералниот секртетар на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој нагласи дека на граѓаните им се потребни функционални институции, а пред се функционален парламент.

„Затоа, веднаш штом се стабилизира епидемијата, за што сме оптимисти дека брзо ќе се случи, а на основа на сите епидемиолошки и здравствени анализи на клучните надлежни институции и авторитети во здравството веднаш после тоа треба да се реализираат изборите, во првиот можен рок“, рече Николовски.

Тој додаде дека во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро.

„Од здравствен аспект, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога корона вирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот“, рече Николовски.

Пренесеувајќи го партискиот став, односно заклучоците до кои дошле во партијата по онлајн координацијата со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, тој рече дека демократијата бара Собранието да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните. Тоа, како што рече Николовски, налага веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застанаа за изборите закажани за 12 април.

„Маските и дистанцата со сигурност стануваат наше секојдневие, ќе треба да се навикнеме на овие мерки при сите активности во секој наш нареден ден“, рече Николовски, додавајќи дека обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата.